| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот зет на казахстанскиот претседател најден обесен во затвор во Виена

Рахат Алиев, поранешен зет на казахстанскиот претседател кој подоцна стана негов политички противик, е најден обесен во неговата затворска ќелија во Виена.

Затворските власти соопштија дека Алиев најверојатно се самоубил, но неговите австриски адвокати го отфрлија таквиот заклучок и побараа официјална истрага за неговата смрт.

Тој беше сопруг на најстарата ќерка на претседателот Нурсултан Назарбаев и беше именуван за амбасадор на Казахстан во Австрија, но проблемите за него настанаа откако бракот пропадна ,а Алиев стана остар критичар на политиката на претседателот.

Првпат Алиев беше обвинет од казахстанските власти уште во 2007 година, за наводно убиство на двајца банкари во Казахстан, што тој категорично го отфрлаше. Според Алиев, станува збор за „наместено“ обвинување кое е политички мотивирано.

Австриските власти на двапати го одбија барањето на Казахстан, за екстрадиција на Алиев, па наместо во својата татковина, за обвинувањата за „убиство“ очекуваше судење во Австрија.

Претходно Алиев требаше да се појави пред судот во Виена, како сведок, на процесот на двајца затвореници кои со него биле во иста ќелија.Тие го уценувале и му се заканувале дека ќе го убијат во затворот,за да личи како да се самоубил.

Откако затворската управа разбрала за заканите,Алиев беше префрлен во друга ќелија, за да биде сам во просторијата,од безбедносни причини,но тој,сепак, беше мртов, еден ден пред да сведочи.

– Верзијата за самоубиство е апсолутно неприфатлива, изјави за австриските медиуми еден од неговите адвокати.

Тој објасни дека 24 часови пред да биде најден обесен, разговарал со Алиев околу сведочењето и тој воопшто не оставал впечаток на човек кој се подготвува да си го одземе животот.

Правосудните власти на Австрија не се согласија Рихат Алиев да биде екстрадиран,затоа што не верува дека во Казахстан може да има фер судење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top