| четврток, 6 декември 2018 |

Кога луѓето забораваат…

Симона Јандревска

Симона Јандревска,
IPS стипендист (Меѓународна парламентарна стипендија

Кога луѓето забораваат на подадената рака во најцрните мигови кои за нив претставувале безизлезни ситуации, забораваат и дека во себе носат морална одговорност. Кога луѓето забораваат на целите и залагањата на кои биле посветени, всушност говорат за тоа колку искрено и посветено верувале во нив. Кога луѓето забораваат на вчера, како тогаш од нив да се очекува дека ќе бидат истрајни на тоа што го говорат денес или, пак, ќе се заложат за подобро утре? Да се откријат скриените намери на едно човеково поведение е веројатно најтешката загатка која се појавува пред човечкиот ум. Неретко, размислувањата поврзани со одгатнувањето нечии намери се темелат на стравот. Тоа е така бидејќи стравот, покрај тоа што претставува сфатлива реакција на опасност, претставува и нецелисходно емотивно доживување. Затоа, често се случува во ситуации кога сме под притисок и сметаме дека сме загрозени да правиме непромислени работи кои во ситуација на минимален праг на стрес, нормално, не би се сетиле да ги сториме. Или, претставено обратно, кога се плашиме често, не можеме да се сетиме на решение кое во моментот би било најсоодветно.

Живееме во време кога човековите права и слободи го достигнуваат (или треба да го достигнат) највисокиот праг на развој и нивната реализација да биде прифатена како нешто нормално и природно. Доколку пред половина век побунувањето против моменталното уредување било санкционирано со логори и со затворски казни кои неретко згаснувале човечки животи, денес живееме во општество каде што побуната против уредувањето се гледа како причина за промени и повлекува реакција од надлежните. Доколку, пак, погледнеме како било сето тоа уредено пред едно столетие, ќе дојдеме до заклучокот дека човековите слободи и права не биле ни третина развиени и унапредени како што е тоа денес. Тоа е природно и посакувано, времето оди напред и човекот осознава доволно за да може да гради пријатно опкружување со цел слободно пласирање на своите заклучоци и дела, грижејќи се за неповредливоста на слободите на другите луѓе.

Во секое здраво и стабилно општество постои критички настроена маса. Во зависност од прашањата, целните групи кои се директно засегнати од одговорите наоѓаат разни начини на изразување различни мислења. Така и треба да биде. Сепак, тоа на што треба сите да размислуваме е кои ќе бидат последиците? Дали нашиот критицизам е во основа конструктивен или има цел само одложување процеси, ширење антагонизам чија основа е дискутабилна и која е нашата скриена намера? Дали кога кај нас се јавува незадоволство поради определена промена на која треба да се навикнеме, напуштањето на комфорната зона е толку мачно што повеќе би сакале да останеме еден чекор назад?

Секој човек што има развиена самосвест тежнее кон освојување нови врвови и совладување стравови кои во претходен стадиум на зрелост се чинеле непокорни. Промените се здрави. Промените се потребни. Промените треба да се доживуваат како основа на која треба да се работи понатаму и развиваат нови и поусовршени методи на адаптација и на имплементација. Критицизмот е потребен и разумен во онаа мера во која е конструктивен и вродува со плод кој е конкретен, прецизен и опиплив. Спротивно, критицизмот кој нема изгледи да вроди плод е самоуништувачки, разорувачки и отровен за умот.

Не секогаш подадената рака од оние личности кои ги сметаме за наши непријатели има лажна и компромитирачка заднина. Не секогаш нашата скриена агенда е идентична со агендата на тие што стојат рамо до рамо со нас. Затоа, стравот може да надвладее со ситуацијата на несигурност и да не доведе до поразителни резултати, токму онакви за кои првично не сме се залагале и за кои не сме се впуштиле во една битка. Затоа, потребно е критички, но конструктивно да ги анализираме појавите во нашата посредна и непосредна околина. Чекорот што го преземаме до себеси е и чекор до другите.

Кога луѓето забораваат на целта поради која одлучиле да го променат своето однесување, настанува ситуација кога нечии приказни и зборови вредат повеќе од нечии други, исто како што Орвел пишува дека сите животни се еднакви, но некои повеќе од другите. Кога луѓето ја забораваат причината за промените кои ги предводат, тогаш нивните скриени намери се далеку од чесни и искрени. Токму затоа, вниманието кое секој човек треба да го посвети на ситуациите околу него е непроценливо за да се заштити од агенди на кои во нормални услови не би поверувал. Тоа што човек може сам да си го стори, никој друг не може.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top