Во последниве времиња, а оваа апроксимација може да биде прилично еластична и екстензивна, воедно, би рекол од неколку децении, па до неколку века, доколку се фокусираме на самите почетоци на одредени веќе цврсто втемелени отстранувања од догмата, чијшто главен потпирач е самата наука, еретизмот станува сè посилен, па дури и најмасовен концепт на религиозна посветеност. Конечно, сето тоа се должи на сè помасовното преплетување на разните вери и култури во времињата на континуираната и забревтана глобализација. Во старите времиња се појавувале многу автентични верувања, кои со текот на времето еволуирале во религии со свои догматски концепти. Некои од овие верувања и религии исчезнувале со време, а некои јакнеле и добивале гигантски магнитуди, за во модерните времиња да бидат прогласени за светски религии. Но, на оваа една и единствена планетарна сцена, каде што секоја масовност влијае и поприма влијанија, речиси да е неможно еден религиозен систем или една догматика да ја сочува својата изворност и автентична практика. Дури и кај најхерметичките верски заедници ќе забележиме траги од присуство на некоја друга религиозна доктрина, без оглед дали таа сè уште е жива и има своја паства што ја практикува или, пак, веќе исчезнала под налетот на некоја од големите вери со цврста и непоколеблива догматска стратегија, која беспоговорно и, што е уште пострашно, безмилосно се наметнува со сите расположливи средства и механизми, од кои ултимативното е она што го заговара мечот и огнот. Прифати и живеј или одбиј и умри, е овој агресивен и империјален систем кој светските религии ги направи глобални и сеприсутни, а уништи безброј помали религиозни системи, кои беа верувања и митологии на малите и недоволно развиени, во технолошка и цивилизациска смисла, општества, за да организираат културна, духовна и воена одбрана од експанзионистите на одредената догма.
Од друга страна, во сите овие големи, светски религии има едно догматско начело, едно вјерују, кое ретко кој догматик, припадник на таа вера го проблематизира, а тоа е препораката на бескомпромисноста, односно тоа е заповедта одредената догма да се имплементира насекаде, зошто само таа догма е единствениот можен спас за душите на грешниците кои се неподобни за спасение уште од своето раѓање, доколку низ догматски ритуал на дадената религија не се воведени во понатамошниот живот.
И тука доаѓаме до клучното прашање, со кое треба да се соочи секој догматски настроен ум, а тоа е прашањето кое создава субверзии во логичките структури на догматскиот експанзионизам и неговата метафизичка ригидност – ако Господ е создател на целата вселена и сè живо и неживо во неа и тоа го правел со безгрешна посветеност насекаде и во сè, тогаш како е можно да има толку погрешни и богонеугодни верувања и религиозни обичаи, а само онаа вера која ја застапуваат фанатичните догмати, да биде единствената исправна и вистинска вера и само преку нејзините догматски референци да се постигне спасението од илузиите, прелестите и заблудите? Тука тие немаат соодветен одговор, но нивните адепти и теодицеи развиле специфични стратегии. Првата е слепо следење на догмата и физичка екстерминација на колебливците и на оние што ја проблематизираат ваквата религија со образложение, дека силите на злото се навлезени во ваквиот еретик, што, наместо да верува предано и слепо, тој поставува непристојни прашања и, доколку продолжи со ваквата практика, тој ист деликвент во однос на догмата треба да се елиминира. Понатаму, одат тие со следната експликација, тоа елиминирање на еретикот е за негово добро, а со тој чин оваа запоседната од злите сили душа, брзо и консеквентно ќе се спаси од канџите на злото и ќе му се предаде на спасителот. Затоа и масовните убиства на јужноамериканските Индиоси од страна на шпанските католички конквистадори пејоративно, но, воедно, и морничаво сериозно го нарекувале – „Создавање ангели“. Демек ги спасувале од нивната нативна и демонска вера и преку екстерминација ги чистеле од гревовите, а на тој начин кутрите жртви, наводно, сублимирале во ангелски битија. Навистина, перверзна апологетика на догмата. Само се прашувам, кој во овој случај е под влијанието на мрачните сили? Вториот, пак, начин на одбрана на догмата и нејзиното наметнување содржи покомплексен и посуптилен пристап, кој е поврзан со многу вешти тактики и надмудрувања, но и со потврди механизми на влијание, кога нештата ќе се нашле во ќор-сокак. Од бескрајно умни тиради на бранителите на догмата, каде со сите можни софизми и апории се докажува единствената исправност на вистинската вера, до асимилациски процеси преку поткупување или, пак, изолација и ставање на еретиците во неможна ситуација на екскомуникација и екстремна материјална беда, во која проблематичните заедници се ставени во неможна егзистенционална ситуација. Ете така се брани догмата, а светските религии станале она што се, заедници на верници, што бројат милијарди членови.
Од друга страна, пак, нападот на догматското верување на еден верник е исто така насилство, како што е насилството на комерцијалните, големи верски системи врз малите ендемски религиозни заедници. Секоја догма е дадена од Бога и таа треба да се практикува лично и предадено, но секој обид за експанзија, а посебно за пропагандизам, оној пропагандизам кој користи коруптивни или насилни методи, е потполно неприфатлив и како да излегува од пеколната кујна. Оној догматик кој не се размавтува со својата најдлабока верба, туку ревносно ја практикува и врши добри дела, без притоа истите да ги става во пропагандна функција на својот религиозен бренд, е вистински верник и метафизичар и самото негово присуство радува, окрепнува и дава надеж во спасението. Догмата, онаква каква е за човекот, е вистинскиот лек и практика на спасението, но без обид за клонирање на другите и без колективистички психози и насилни приклонувања кои само го умножуваат ужасот и ги компромитираат верата и догмата, во чиешто име се врши тоа насилно верско глобализирање.
Навистина нема религија без догма и вера без црква и ритуал. Но, нека кон тоа верниците ги понесе љубовта и убавината на Божјата присутност и вибрација, а не камшиците и уцените на верските манијаци. Во суштина, и догмата, и црквата, и ритуалот се творби на сеприсутниот дух Божји и затоа треба да се биде буден и да се внимава во својата возгордеаност, која лесно може да порасне врз нашиот восхит од длабокото духовно спознание, да не се изроди монструмот на дидактичкиот експанзионизам кој го наметнува само сопственото искуство и по некое време почнува да ги малтретира останатите. Зошто Бог е еден, но Тој е за сите, а неговите патеки се несфатливи, посебно за оние кои во целата своја самобендисаност си зеле за право целата мистерија на тишината и постоењето да ја заменат со своето здодевно и неподносливо дрдорење на веќе потрошените суетни содржини. Амин.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.