Доставувањето и обработката на извештаите на инвестициските фондови отсега ќе биде олеснето со новиот софтверски систем за супервизија и известување што го воведе Комисијата за хартии од вредност.
Софтверот е направен со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој, а со него сите известувања, вклучувајќи ги и нефинансиските известувања, како и барањата за одобрување на рекламен материјал, ќе се доставуваат електронски. Со ова ќе се намали товарот за дневно известување од страна на друштвата.
– Преку зголемената транспарентност и достапност на информации за фондовите, стравот и несигурноста како најголема причина за неостварување на успех и успешна алокација, ќе бидат минато за новите потенцијални инвеститори – истакна директорката на КХВ, Елизабета Чингаровска на денешната промоција.
Според Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија, придобивките од новиот софтвер се големи и значајни.
– Ефикасната супервизија е главен предуслов за развој на финансиските пазари и во таа смисла со овој проект Комисијата се ориентира кон супервизорски пристап базиран на ризик, вршејќи онлајн мониторинг врз ентитетите и следејќи ги потребите за капитал на инвестициските фондови – рече Јонеску.
Инвестициските фондови во Европа во изминатиот период бележат континуиран пораст, а овој тренд го следи и Македонија. Според податоците од 2014 година во Македонија се бележи зголемување на нето вредноста на инвестициските фондови за 254 проценти во споредба со 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.