| четврток, 6 декември 2018 |

Естонска „Нет груп“ бара бизнис партнери во Македонија

sof

Претставници на естонската компанија „Нет груп“  и на македонски софтверски компании ги разгледуваа можностите за соработка на средба што се одржа вчера во организација на Министерството за информатичко општество (МИОА).

– Членовите на бордот на директори на компанијата од „NetGroup“, Андерс Абел и Раиго Раид потенцираа дека причината поради која одлучиле да се интересираат за соработка со ИТ компании од Македонија се одличните технички и кадровски потенцијали што ги поседуваат компниите од Македонија – соопшти денеска МИОА.

На средба со заменик министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска,  според МИОА, од „НетГруп“ го пренеле задоволството од понудата на македонските софтверски компании и нагласиле оти нивните очекувања се исполнети бидејќи запознале компании кои се вистински мотивирани за соработка и кои имаат добри продукти во своето портфолио.

– Во изминатите три дена организиравме состаноци со стопанските комори и повеќе софтверски фирми кои го презентираа тоа што би го очекувале доколку се оствари меѓусебна соработка. Нашите компании покажаа заинтересираност и подготвеност, така што сега останува да ги финализираат деталите за понатамошната соработка, рече Арсовска Томовска, поканувајќи ги и другите македонски компании кои работат на Microsoft платформи да се пријават во министерството кое ќе им овозможи да стапат во контакт.

Естонија, наведе Арсовска-Томовска, е светска сила во развојот на софтверски апликации во последните години и со оглед на обемноста на работата, софтверските фирми бараат квалитетни бизнис партнери надвор од нивната земја, особено во однос на нивната потреба за добри инженери кои работат на развој на софтверот.

Во тек на посетата на Македонија, членовите на бордот на директори на естонската компанија одржаа работни состаноци со повеќе македонски софтверски компании, а естонските искуства од областа на е-судството, ги пренесоа и на презентацијата што ја одржаа за време на работниот состанок во Министерството за правда.

„НетГруп“ е основана во 1999 година со седиште во Талин и е една од поголемите ИТ компании во Естонија, а од 2012 година се партнери на „Мајкрософт“. Имаат своја канцеларија во Финска, а нивните програми ги извезуваат и во Шведска, Оман и Северен Ирак. Креираат софтвер за естонската Влада, имаат добар продукт во делот за наплата, а во нивната земја го имаат имплементирано и електронското судство (е-судство.

Посетата на „НетГруп“  во Македонија следи по презентациите  на македонските услови за бизнис пред ИТ компании во Естонија во март годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top