Унапредување и олеснување на административните работи во здравствените институции и повеќе посветено време на осигурениците ќе овозможи новиот електронски софтвер на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.
Директорот на Фондот Сашо Стефаноски денеска на прес-конференција рече дека во изминатиот период работеле на електронски систем кој ќе значи замена на досегашното класично административно работење на здравствените установи со ФЗОМ и преминување на комплетно електронско работење.
Со новиот софтвер, посочи, комплетно ќе ја исфрлиме хартијата за административните процедури во здравствените установи.
– Отсега менаџерите на здравствените установи или лицата определени од нив ќе можат со електронски потпис директно од нивните канцеларии да вршат огромен број административни процедури за кои досега беше потребно доаѓање во Фондот и употреба на хартија – рече Стефаноски.
Појасни дека сите барања, известувања, достава на документи кои се потребни, здравствените установи ќе ги вршат без да го напуштат своето работно место, а ова олеснување е особено важно за приватните институции кои се надвор од Скопје кои не мора да одвојуваат средства за пошта или да патуваат до Скопје за да го информираат Фондот за промените во нивната институција.
– Заштедата е во време, средства и човечки ресурси. ФЗОМ има склучено договори за работа со 3.231 здравствена установа – правни субјекти. Доколку се сметаат работните единици т.е. тимови на лекари тогаш Фондот има склучено над 4.000 договори. Сите овие здравствени установи за девет месеци (од 1 јануари до 30 септември), направија 3.250 измени на договор поради административни потреби. Тоа значи дека на месечна основа во просек се прават 361 измена на договори – истакна Стефаноски.
Тој рече дека постојат 21 тип анекси на договори и известувања кои се предвидени со склучените договори кои се однесуваат на промена на кадар, медицинска сестра или вработување на нов лекар наместо постоечкиот поради долготрајно отсуство, статусни промени на седиште на здравствената установа, известувања за краткотрајни боледувања, за изгубен/украден факсимил/барање за издавање нов факсимил, прераспределба на кадар од една во друга работна единица,…
– Од денес овластените лица на здравствените установи не мора да доаѓаат со хартии во централната служба на Фондот и сето ова ќе може да го направат на веб-порталот на Фондот, електронски од своето работно место – додаде Стефаноски.
Директорот на ФЗОМ Орхан Рамадани рече дека здравствената установа која има потреба да извести за определена измена/анекс ќе може преку овластено лице да пристапи на веб-порталот на Фондот, да ги прикачи сите потребни документи, дигитално да ги потпише и во истиот момент тоа барање или известување да стигне до Фондот.
Здравствената установа, посочи, ќе има преглед врз прогресот на процесирањето на своето барање.
– Фондот по обработката на барањето ќе даде можност тоа да биде потпишано на хартиен начин или дигитално. Во случај да се одбере хартиениот начин тогаш патот на реализација на барањето ќе си оди на постоечкиот начин кој е имплементиран во системот. Доколку ЗУ одбере дигитално потпишување тогаш Фондот праќа нотификација дека се чека потпишување од страна на здравствената институција и откако барањето е дигитално потпишано од сите овластени лица тоа се враќа во Фондот на реализација- рече Рамадани.
Според него, придобивки со електронскиот начин на работа имаат сите здравствени институции поради заштеда на време, човечки ресурси и средства, а придобивки има и Фондот преку заштеда на време, електронски увид на целата документација и немање потреба од чување обемни досиеја за секоја установа поединечно.
– Предвидено е шест месеци од оваа новина да се врши прилагодување на здравствените установи за начинот на работа и затоа во овој период се овозможува и електронско и хартиено работење, а по овие шест месеци, значи од 1 мај 2016 година измените ќе се одвиваат само електронски- додаде Рамадани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.