Унапредување и олеснување на работата на матичните лекари на полето на превенцијата која тие ја спроведуваат овозможува имплементацијата на новиот софтвер, со кој се исфрлаат од употреба хартиените обрасци со податоци за здравствената состојба и лабораториските наоди, и тие електронски се внесуваат. Матичните лекари покрај финансискиот бенефит сега имаат и повеќе време да посветат на секој пациент за превенција и лекување.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој рече дека матичните лекари од 1 јули веќе немаат потреба да ги печатат хартиените обрасци за реализација на цели, а податоците за досега извршените превентивни прегледи на 850 илјади осигуреници се разменија со информатичкиот систем на Фондот. Посочи дека целта е пациент – центричен систем, односно посветеност на лекарите на здравствените потреби на пациентот.
– До имплементацијата на новиот софтвер, процесот на спроведување на превентивни цели кај матичните лекари одземаше многу време поради обемна административна процедура, а матичниот лекар за секој пациент досега печатеше 7 хартиени обрасци, што изнесува повеќе од 9 милиони печатени обрасци за две години, рече Стефаноски.
Потенцира дека со електронското работење матичните лекари заштедуваат околу 6 милиони денари годишно за тонери, хартија, принтери и сервисирање, а ќе се намали и гужвата во чекалните, затоа што пациентите побрзо ги добиваат услугите од своите лекари.
Во договорите со Фондот за здравство, појасни тој, матичните лекари од општа пракса имаат обврска да спроведат мерки и активности за превенција и рано откривање на кардиоваскуларни болести, дијабетес и нефролошки заболувања, кои се трите најчести незаразни заболувања во Македонија, а тие превентивни мерки се спроведуваат на 1,3 милиони осигуреници на возраст од 14-65 години.
– Целта на воведување превенција на овие три најчести заболувања е да придонесе кон намалување на бројот на идни пациенти заболени од овие болести, односно да се преземат сите превентивни активности за оваа ризична група на осигуреници да не ги развие овие заболувања и да се влијае на намалување на пациенти кои ќе завршат на дијализа, инсулинска терапија, како и да има помалку пациенти со срцеви и мозочни удари. За стимулирање на оваа активност секој матичен лекар преку Фондот добива 20 отсто од капитацијата секој месец, додаде Стефаноски.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани истакна дека дополнителен бенефит за Фондот и за матичните лекари е тоа што се намалува просторот за грешки, се зајакнува контролата бидејќи освен теренска, проверката на точноста на податоците за реализација на целите, контролорите на Фондот ќе вршат увид и контрола кај матичниот лекар од своето работно место.
– Фондот досега со ограничен персонал ги контролираше исполнувањето превентивни цели на хартија, а сега со софтверското решение, може да ги контролира и проверува електронски. Истовремено, се овозможи на самите матични лекари да добиваат нотификации во случај на некомплетни податоци или непрецизности при доставата на податоците за остварена превентивна цел, рече Рамадани.
За Фондот, но и за здравствениот систем во целост, нагласи Рамадани, софтверот претставува реална база на податоци за хронично болни пациенти од дијабет, кардиоваскуларни и нефролошки заболувања.
– Тоа значи дека во секој момент имаме увид во здравствената состојба на населението по возраст, по населено место, регион, колкав е бројот на пушачи, колкав е бројот на лицата со прекумерна телесна тежина, колку малолетни лица се корисници на опојни дроги. Ваквите прецизни податоци се темел за современи и ефикасни здравствени политики, но и основа за креирање стратегии за намалување на заболувањата, потенцира Рамадани.
Посочи дека во наредниот период матичните лекари ќе ги поврзат со сите лаборатории од примарно ниво, со кои Фондот има склучено договор, што ќе биде дополнително олеснување на лекарите и пациентите, во поглед на заштеда на време.
Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, Лилија Чолакова Дервишова рече дека продолжува нивната соработка со Фондот за здравство, а како резултат на бројните средби, барањата на матичните лекари, Фондот од зборови ги преточил во дела.
– Секогаш кога најавуваме нешто, соопштуваме за новина која е веќе осмислена, која фунционира и која нуди нови можности, како што е овој софтвер, кој е основа за голем број новини кои ќе ги олеснат работењата на матичните лекари, додаде Чолакова-Дервишова.
Одговарајќи на новинарско прашање Стефаноски рече дека средствата за овој проект на Фондот за здравствено осигурување на Македонија се заеднички обезбедени преку донација од Здружението на приватни лекари на Македонија и средства од ФЗОМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ако одите на одмор во странство: ФЗОМ со важно известување до сите граѓани
-
ФЗОМ не сака преку медиумите да комуницира со своите партнери, најавува средба со Здружението на приватни гинеколози
-
Гинеколозите ќе издаваат само упати, а ФЗОМ нека лекува пациентки
-
ФЗОМ ќе ја зголеми квотата за овој месец и вкупниот буџет за лекови