Централниот бек на Металург и на ракометната репрезентација стана своевидна марка во македонскиот спорт. Знаењето и вештината се едно и тие го исфрлија и во нашата, и во европската орбита, но второ и, можеби, поважно е што со односот, со залагањето и со инвентивноста се здоби со предзнак миленик на нацијата. Пред Миркуловски и колегите е нов голем предизвик, нашето трето СП, кое ќе се игра од 11 јануари во Шпанија и затоа нему претстојните празници му се исполнети со игра, патувања, тренинзи.
Миркуловски, истекува 2012 година, која за пошироката јавност е под знакот на ракометот. Ние од неа излегуваме презадоволни. Какво е твоето чувство?
Миркуловски: Многу ми е драго што 2012 година ја завршив успешно, исто како што и почна.
Ќе ве потсетам дека почна многу успешно со освоеното петто место на ЕП во Србија, потоа следуваше и пласманот на Светското првенство во Шпанија, а продолжи на клупско ниво со освојување на титулата во македонското првенство за минатата сезона и со пласманот и влезот во топ 16 во ЛШ.
Што е повлијателно за твојот статус. Репрезентацијата или Металург?
Миркуловски: За статусот што го имам меѓу луѓето, повлијателна е играта за репрезентација бидејќи тогаш играш за националниот дрес и тоа е, секако, повеќе во фокусот на сонародниците.
Има ли нешто што можеше да се одигра подобро, да заврши поинаку во претходните 350 денови?
Миркуловски: Да, секако дека имаше. Можевме да одиграме многу подобро и да се пласираме на Олимписките игри во Лондон, а доколку имавме малку повеќе среќа, концентрација и стрпливост ќе игравме и полуфинале на ЕП.
Кој состав е подобар, каде се чувствуваш поудобно, во репрезенатативниот или во тој од Автокоманда?
Миркуловски: Фактот дека 80 проценти од играчите во репрезентација доаѓаат од Металург доволно зборува дека чувството на пријатност е слично, да не кажам исто.
Со кого ти е полесно за игра. Со Вугринец десно, Станиќ зад и Лино покрај или со триото Кире Лазаров, Борко и Шундо на истите места?
Миркуловски: Со оглед на времето поминато во текот на една година (тренинзи, подготовки, дружење и сл), искуството и квалитетот на сите тројца, за нијанса ми е полесна играта со Вугринец, Станиќ и со Лино.
Поголем дел од публиката ги памети асистенциите и головите, малкумина го гледаат твојот придонес во одбраната. Колку од енергијата трошиш пред нашата линија од шест метри?
Миркуловски: Како играч што игра и напад и одбрана, морам да признаам дека воопшто не е лесно. Мојата позиција во нападот бара максимална концентрација и организација и е многу тешко кога поголем дел од енергија ја трошиш во одбраната.
Целосно си ставен во функција на составите за кои настапуваш. Размислуваш ли дека со малку повеќе соло во нападот ќе создадеш поголемо име низ континентот?
Миркуловски: Да, секогаш сум ставен во функција на тимот. Кога тимот победува мојата статистика воопшто не ми е битна. Впрочем, и нема поголемо задоволство за еден играч од победата на тимот.
Чувствуваш ли хендикеп од височината. Што ќе беше ако Филип беше 10-15 сантиметри повисок. Дилемата е: шут наспроти брзина и вештина?
Миркуловски: Не чувствувам хендикеп, бидејќи ако бев повисок 10-15 сантиметри ќе продолжев да играм кошарка.
Во кој од соиграчите имаш најмногу доверба. Со кого најлесно се прави акција?
Миркуловски: Најмногу доверба имам во Мојсовски и во Димовски. Можеби дека најдолго сум играл со нив.
„Со оглед на времето поминато во текот на една година, искуството и квалитетот на сите тројца, за нијанса ми е полесна играта со Вугринец, Станиќ и со Лино.“
Тргнаа подготовките за СП во Шпанија. Колку објективно можеме да го повториме резултатот од ЕП во Србија?
Миркуловски: По постигнатиот успех на ЕП, другите репрезентации не гледаат на нас како на аутсајдер, туку нѐ сфаќаат многу посериозно. Затоа мислам дека ќе биде потешко да го повториме тој резултат. Иако, нормално, ќе дадеме сѐ од себе за да го подобриме.
Постои ли опасност да нѐ прочитаат Данска, Русија, Исланд, па и Катар и Чиле?
Миркуловски: Секако дека постои опасност, особено што со дел од овие репрезентации имаме играно и победувано на големи првенства. Затоа сметам дека и подобро ќе нѐ анализираат.
Што е оптимум за нас од натпреварите во Севилја и потоа, од сите овде, во проектираните дуели во Сарагоса или во Барселона?
Миркуловски: Наша прва цел е да победиме во првите два натпревара, со Катар и со Чиле. Со тоа и ќе обезбедиме пласман за понатаму. А, другите средби ќе ни бидат да оствариме што подобра позиција во групата и да добиеме полесен противник.
Металург е во осминафиналето од ЛШ. Првичниот план е исполнет, се смени ли сега нешто во Автокоманда во делот на амбициите?
Миркуловски: Да, првичната цел ја исполнивме. По одличната игра во првите натпревари амбициите се зголемија. Дури и жалиме што не сме веќе во игра за прво место. Сепак, ќе направиме сѐ за да останеме на втората позиција и да имаме полесен противник во топ 16.
Те плаши, те загрижува ли рутината со која Киелце нѐ доби на двапати. Ако Полјаците нѐ изиграа така, како би изгледало соочување со Барселона, Хамбург, Кил, Атлетико Мадрид?
Миркуловски: Па, не би се согласил дека Киелце рутински нѐ победи двапати. Бевме достоен противник во двата натпревара, дури мислам дека и подобри. Сепак пресуди нивното искуство. Покажавме дека Металург созреа за големи натпревари и не би требало да се плашиме од никого.
Колку искуството од паралелните настапи во Лигата на шампионите и на репрезенативните настани те направија подобар играч?
Миркуловски: Искуството е едно од главните карактеристики за добар играч. Лично сметам дека токму овие натпреварувања влијаат на мојата игра.
Сите здобија доверба во Филип Миркуловски. Како се соочуваш со притисокот од полна сала, широк ТВ-аудиториум, од цела нација?
Миркуловски: Не го чувствувам тоа како притисок со оглед на тоа дека Металург игра пред полни трибини. Поддршката што ја добивам ја чувствувам како поттик и поддршка, а не како притисок.
Како ја поднесуваш јавноста и популарноста. Машките те почитуваат за срцето и за храброста, девојките те поистоветуваат со миленик од типот на славна музичка или филмска ѕвезда?
Миркуловски: Бидејќи сум ракометар, а и не се доживувам како ѕвезда, морам да признаам дека многу повеќе ми годи почитта што ми ја укажуваат за мојата игра, срцето и за храброста.
Порака за навивачите, за читателите на „Република“ за новата 2013 година?
Миркуловски: Пред сѐ, посакувам многу здравје, толеранција, љубов и почитување меѓу себе. И, нормално, континуирана поддршка од целата македонска јавност.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.