| четврток, 6 декември 2018 |

Антимарфи по потреба

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Никогаш не се фаќај за копче кога ќе видиш црна мачка.

Во случај, сепак, да ти дојде да се фатиш за нешто, а носиш облека без копчиња, обиди се да ја фатиш мачката…

Во Скопје има само две продавници за копчиња и кога ќе ти притреба заменско копче, во ниту една од нив не можеш да го најдеш.

Ако сабајлечки по будењето стануваш од кревет и забораваш дека треба да стапнеш прво на десна нога, денот ќе ти тргне налево во круг (кафуле во Дебар маало).

Ако немаш план за следниве десет години, најди го стариот учебник по домаќинство и за почеток направи џем од шумски јаготки по рецептот на старите Инки.

Ако на книгата ѝ фалат последните страници, сигурно тоа е најинтересниот дел.

Ако го најдеш најевтиниот фотокопир во градот, биди сигурен дека уште утре ќе биде донесен закон поради кој не ќе можеш да копираш со поситни букви од тие што ти ги дозволува твоето гледање под лупа.

Ако се преселиш во населба каде што на кучињата не им забрануваат да лаат ноќе, а туширањето после десет навечер е забрането, провери да не си можеби во Шведска.

Ако живееш во земја во која бројот на протести е секогаш помал од бројот на твоите чевли, слободно смени го начинот на облекување.

Ако е точно тоа дека карактерот е судбината,провери на која од овие особини би кликнал „ми се допаѓа“:

  • спие по цел ден
  • гази по облаци, а живее на приземје
  • вози велосипед без заштитна кацига
  • улицата ја преминува во дијагонала
  • не е сигурен за своето потекло, но знае дека не е вонземјанин
  • знае да биде нежен по потреба, а ги поминал сите курсеви за самоодбрана
  • навива за матријархат, но поднесува шовинизам
  • почитува разлики
  • умее да се снајде во неочекувани ситуации
  • сака да компликува, но и да поедноставува
  • неуловлив е
  • има неколку профили на Фејсбук, а не е биполарна личност
  • ако треба да ја премине реката, користи мост наместо чамец (кога стапнува на брегот од спротивната страна, влегува директно во Министерството за среќни добивки)
  • ги сака Индијанците и сите цивилизации постари од 5000 години
  • може да експлодира без причина
  • никогаш не прави драми од една едноставна причина – не верува во она од кое нема потреба и не си го губи скапоценото време на промашени инвестиции
  • најнакрај, ако не прави ништо против сопствената совест може отпуштено да зборува на телефон без да се плаши дека некој ќе сфати дека освен за него самиот, неговите шифри не се тајна за никој друг…

Знае дека ништо не е поголема пречка во обезбедувањето на мирот и приватноста од самата негова желба за мир и приватност. Парадоксот е неговото средно име. Затоа е среќен сега и овде, одејќи наспроти сите невозможни околности кои сега и овде ги преправаат во „некогаш и негде“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top