В петок, на 13 февруари, наспроти празникот Свети Трифун, во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, со почеток од 19 часот, ќе биде отворена изложба на графики, цртежи и слики на ликовниот уметник Горан Јованов од Гевгелија.
Горан Јованов е роден 1982 година.Дипломира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје и магистрира на истиот факултет во 2009 година на отсекот графика под менторство на проф. Димитар Малиданов.
Во каталогот од неговата изложба со циклусот „Записи“, која првпат е претставена во декември 2014 година во Дом на АРМ – Скопје, Маја Чанкуловска – Михајловска ќе рече:
„Исчитувајќи ги делата на Горан Јованов од неговиот најнов циклус насловен „Записи“, создадени во текот на изминатава година, неизбежно е да забележиме дека тие се базирани врз различни истражувања на ликовен план и експериментирања во различни техники (сува игла, бакропис, акватинта, масло и акрил на платно итн.). Како што укажува и самиот поднаслов на изложбата, основа врз која тој ги формулира своите повеќеслојни „записи“, изразени преку графики, цртежи и слики, се естетските принципи на линијата, формата и симболите, а се изведени преку линераност и колористички експресивни композиции вообличени со умерени релјефни енформелистички детали. Бојата има особено комплексно значење и функција – од една страна цели кон постигнување на контрастност и ритмичност, додека од друга страна загасените земјени бои сугерираат смиреност; на одредени партии бојата е примарен елемент кој ја дефинира прочистената композиција, додека од друга страна се јавува присуство на повеќе детали кои асоцираат на орнаменти.
Ликовниот ракопис на Горан Јованов се повикува на елементи од апстрактната асоцијативна изразност, при што линијата е експресивна и сигурна, некаде сведена на гестуалност, и произлегува од потези водени од спонтаното психичкото доживување. При тоа, не само симболичните органски форми, туку и бојата и линијата се движат во насока на симплифицирање на претходно практикуваната фигуративност, која сега само се наговестува преку детали и облици. Следејќи го својот уметнички импулс, Горан Јованов останува доследен на ликовниот израз кој рефлектира силно изразен лирски сензибилитет, како метафоричен и поетски однос кон апстрактната форма на сликата и трансцедентноста на човековата суштина. Следствено на тоа, во неговите дека централно место заземаат интимните изолирани меланхолични уметнички светови, наталожени до обременетост со записи од минатото, со крајна тенденција за предизвикување контемплативност на ниво на духовност и изразување на внатрешните искуства, емоции и содржини“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.