| четврток, 6 декември 2018 |

Манир на политичко дејствување – бомбата на СДСМ одамна експлодира

Бона Лазар Бајрактарова

Колумнист: Бона Лазар Бајрактарова

 Манирите се важeн аспект при дејствувањето на секој субјект, на кое било поле. Во општественото егзистирање на една индивидуа, организирана група, групација, политичка партија – манирите, како начин на однесување, создавање, постапување, влијаат на позиционирањето во средината на делување, во општеството, врз остварувањето на личните, заеднички или пошироко дефинирани цели. Зборуваме за убави манири – манири базирани на сè она што се перцепира како искрено-чесно, пристојно-достојно и хумано дејствување во локалната и пошироката општествена средина. Наспроти ваквите, се манирите – лишени од она што се восприма како коректно, конструктивно, добронамерно однесување, што содржат елементи на примитивизам, насилност, агресивност, деструктивност! Таквите манири резултираат со стагнација, со status quo состојба, за оние што ги практикуваат!

Манирите тешко се менуваат. Стануваат навика, препознатлива специфика на субјектите. Им помагаат или одмагаат во остварувањето на целите.

Во државава, имаме политичка партија на која власта ѝ значи најмногу од сè! Чии следбеници долго (или можеби сè уште) одважно сметаа(т) дека се единствената државотворна елита во државата, кои своето однесување на политичката сцена во Македонија го подредуваат само на таа своја фикција! Можеби затоа, нивната желба за власт не е поткрепена ниту со најосновните елементи, што на гласачкото тело би му дало некаква гаранција во однос на иднината – своја и на државата. Нема платформа, нема програма Ама, има бомбастична реторика, фрази и континуирано “ignore” за сé во државава. Наместо на легални избори, на мала врата, преку изнудена т.н. техничка влада, да се дојде на власт. Препознатлив манир на политичкото дејствување на СДСМ.

Еднаш им успеа (2001). Ја искористија наметнатата политичка ситуација, за која, во голем дел и самите придонесоа со деструктивната реторика и дејствувањето контра државата и легитимно избраната власт во тоа време. Изнудија Влада на широка коалицијаво која и самите влегоа! Власт – без избори!

Во 2012 (декември) – се обидоа.  Во 2014 (есента) повторно. На стартот на 2015– продолжуваат. Практикувајќи улични правила, да дојдат до она што силно го посакуваат – интронизација, повторно на нелегален начин, без избори, без народната волја!

Стратегијата која ја смислија, и ја спроведуваат неколку месеци наназад, во насока на создавање услови за реализирање на нивнатта желба/цел, не е заснована на искрен, реален, конструктивен приод и предлози за просперитет на државата и народот. Наметнаа неколкуслојна ПЛЕНУМСКА деструкција, а за старт, како иницијална капислана своето дејствување, ја употребија најавата од државата за воведување надржавен испит! Според ПЛЕНУМЦИ-те, “екстерното” влијаело на менталното здравје на учениците(?), а државниот испит ќе придонел, студентите да учеле површно?! Треба ли коментар на оваа пленумскообразовна небулоза!

Наместо сериозна политичка понуда во интерес на прогресот на државата, наместо идеи и проекти,  уште од 2006-та наваму, своето политичко дејствување, опозицијата, пред се СДСМ, го базираат на шпекулативна деструкција чија цел е поттикнување неред, хаос – анархијаво државата. Вршат реторичко насилство врз македонското општество, главно поттикнато од неколкумина професори, т.н. аналитичари, новинари. Не гледајќи реална можност за добивање на поддршка од граѓаните и сопствена демаргинализација, со негативна реторика го малтретираат целиот народ. Од 2006-та. Под разни изговори, ја повикуваат “меѓународната”,заборавајќи дека оваа држава е суверена, со Влада – избрана како одраз на волјата на нејзиниот народ. Не ги признавале изборите во 2014, биле некоректни, а забораваат на јавното признание на нивниот (СДСМ) лидер (ТВ 24 вести), дека секако ќе ги изгубеле изборите, ама разликата (во гласови) немало да биде толку голема?! И, следи прашањето: – Има ли поголем аргумент (од оваа изјава) за легалноста и легитимноста на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕи коалицијата, со околу 200 000 изборни гласови повеќе од опозицијата!

Зборуваат за слобода, демократија, а преку нелегални постапки и компилативни мајстории на некои (странски) служби, барем според признанието на лидерот на опозициската партија, го уценуваат државното водство, но и целиот македонски народ! Наместо во соодветните институции, јавно ги објавуваат нелегално сниманите телефонски разговори на граѓаните (макар биле и функционери!), за кои, експертите укажуваат на можноста, преку компилација (техничка можност) да се извртува реалната содржина на истите.

Ги негираат сите, многубројни и големи постигања во државата во последната скоро-деценија, сериозната позитивна трансформација на македонското општетсво проследено со бројни признаија за владата, како од граѓаните, така и од надворешни релевантни институции. Најавата на некаква политичка “бомба” која ја “активираат” со месеци, требаше да ги заглуши и заслепи граѓаните – да им го оттргне вниманието од секојдневните рапорти на премиерот Груевски и државните институции за реализираните и во тек на реализација разновидни, за целата држава значајни проектии странски инвестгиции – предвидени во последната предизборна програма на владејачката партија. Македонија е сиромашна држава, но со сè она што е изградено, создадено, народот знае дека и покрај неповолните економски фактори (домашни и надворешни), блокади – државата е на прав пат. Со своето вонинституционално дејствување (наместо во Парламентот), СДСМ всушност, според општата перцепција, креира тајм-аут за себе, како што селекторите на губитничките репрезентации бараат пауза за да го запрат континуираниот напад-голови од противничкиот тим.

Никој нема право да го кочи напредокот на Македонија; најмалку –  одвнатре. Народот памти! Разорните бомби на СДСМ, што имаа тешки последици за државата и народот експлодираа одамна – при криминалната приватизација на општетсвените добра, при вестите за  губење на егзистенцијалната сигурност на над 200 000 вработени кои се најдоа на улица.Последиците се чувствуваат до ден-денешен.

СДСМ е притиснат од својот лош бекграунд; од начинот на поимање на работите (во државата), од реториката што ја користат неговите експоненти, политичкиот менталитет, манирите на нивното политичко однесување! Со несериозното, агресивно, аконцептуално политичко дејствување повеќе пати ја прокоцкаа можноста, народот да им го довери водењето на државата. Тоа се случува од 2006 до сега – повеќе пати. Оној народ, за кого велат – имал ниско ниво на политичка култура (последна навреда од антинародниот арсенал на некои нивни портали, поддржувачи), не знаел да проценува. Тешка заблуда, која долго ќе ја остави оваа партија таму каде што е! На опозициското столче. Жртва е на својата неинвентивност, неменливост, стагнација; во голема мера на својот стар манир на однесување во политиката, во државата. Вака ќе биде веројатно до нејзиното темелно преиспитување, престројување!

Манирите се навистина важeн аспект при дејствувањето на субјектите! Со време стануваат препознатлив елемент, карактеристика, фактор што влијае врз важни аспекти од животот и егзистирањето на поединци, групи, политички партии. Покрај другото, во манирите треба да биде вткаена многу значајната нишка – љубов кон сопствената држава, кон татковината!

 

ПС.

“Љубовта кон татковината се изразува на повеќе начини. Едни од нив се лојалноста и почитувањето на институциите во државата” (Б.Б., 2001, “Дневник”). Братислав Димитров, во колумна во “Дневник” (2001), меѓу другото напиша:”Татковината не е апстрактна категорија… Во татковината треба да се живее нормално, едноставно и чесно… Само стручни, компетентни и чесни луѓе (од последниот до првиот) можат да ја градат и да ја бранат татковината”.  Македонија има такви!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top