Во пресрет на денешниот состанок на земјите членки на еврозоната висок претставник на владејачката ЦДУ и соработник на канцеларката Ангела Меркел вели дека директните провокации на новата грчка влада влијаат Германија да има помалку волја да и помага на Грција. Заменикот на парламентарната група на Христијанските демократи Михаел Фукс вели дека многу германски политичари и голем дел од јавноста е фрустриран од односот на Грција и процесот на реформи во веќе два пати спасената земја.
– Новото раководство во Атина си зема за слобода директно да ја провоцира Германија, вели Фукс според кого поддршката на германскиот Парламент да се даде нова помош за Грција се движи кон нула. Овој став според него го делат многу политичари во германската владејачка коалиција составена од двете најголеми партии ЦДУ и СПД.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во своето обраќање во парламентот во Атина рече дека Грција има морална оббврска да бара воени репарации од Германија за Втората светска војна а предходно со низа чекори грчките претставници директно или индиректно ја обвинија Германија дека е винновник за тешкотиите кои што ги чувствуваат грчките граѓани.
За време на посетата на грчкиот министер за финансии на Берлин минатата недела германскиот колега на Јанис Варуфакис, Волфганг Шојбле рече дека доколку Грција не сака нова програма за помош „тогаш тоа е тоа“, што голем број на набљудувачи го разбраа како порака дека Германија навистина е подготвена за излез на Грција од еврозоната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.