Хаскап или сибирската боровинка е уникатно листопадно растение со слатки и вкусни плодови. Растението цвета во март, а цветовите се мали, бели и мирисни и можат да издржат до седум Целзиусови степени под нулата. Плодовите зреат во мај и имаат сина боја со восочна глазура, триаголен облик со должина два сантиметра, а месото им е со црвена боја, со семе како кај кивито. Вкусот варира од киселкав до слабо благ. Може да се консумира како свежо овошје или во разни пити и колачи, џем, овошен сок и во јогурт. Плодовите се многу лековити поради своето антиоксидативно својство и високата концентрација на витамините Ц и Д. Ова плодоносно растение е многу отпорен вид, мала грмушка со потекло од источен Сибир, рускиот Далечен Исток, Јапонија, каде што одамна луѓето ги собирале и консумирале во големи количини. Сибирската боровинка е посебно ценета поради вкусниот плод – бобинка, многу раното зреење на плодот (најмалку две недели пред јагодите), се карактеризира со одлична отпорност, а поднесува студено до 40 степени под нулата. Грмушките се долговечни, живеат од 25 до 30 години, а секој од нив дава од три до пет килограми плодови.
– Инвестицијата во сибирска боровинка најмногу зависи од цената на садниците, кои може да бидат едногодишни или повеќегодишни и нивната цена е повисока од 15 евра, но со оглед на тоа дека еден килограм се продава по цена од околу 600 денари, инвестицијата е повеќе од исплатлива – вели Владимир Милановиќ, сопственик на фирмата „Милановиќ“, која во штипско Карбинци произведува неколку видови егзотични растенија.
Хаскап или сибирската боровинка потекнува од Јапонија, каде што постигнува многу висока цена на пазарот, а со оглед на тоа дека на релативно малку земја можат да се постигнат задоволителни приноси без многу физичка работа, жителите на Јапонија подигнуваат плантажи, кои во староста им обезбедуваат дополнителен извор на приходи.
Сибирската боровинка не е пребирлива што се однесува за почва и за клима. Влажната почва се покажа како најдобра, дали природно или преку наводнување. Секако, нема да преживее во премногу влажни подрачја каде што подземните води се на површина подолг временски период. Како кај повеќето овошја и јагодести растенија, бараат терен со подобра изложеност на светлина, во долината Виламет (природно живеалиште) и во другите региони во кои летата се релативно топли, препорачлива е делумна сенка.
Растенијата можат да бидат распоредени еден до два метра меѓусебно. За одржување на бараната влага во почвата, корисно е прихранување со компост, тресет, мов или други слични материи. Во текот на сушните периоди редовно бара вода, а во водата треба да се додаде ѓубриво италполина. За здраво и силно растење треба да се примени органско ѓубриво од италполина во есен или рано напролет. Оптималната киселост на почвата изнесува 5,5-6,5, но може да се одгледува и на 3,9 – 7,7.
Сибирската боровинка сама по себе не е плодна. Потребни се најмалку две растенија, и тоа најдобро од различни сорти. Дава род во првата или втора година по садење. Не е забележен напад на болести и на инсекти, па е препорачана за еколошко одгледување. Ова растение ги привлекува птиците, па е пожелна заштита во мај, како и подоцна поради семињата. Отстранување на исушените гранки или режење се препорачува во првите три до пет години по сеидбата. Потоа, на секои две до три години рано напролет, пред да почне вегетацијата, задолжително се отстрануваат скршените и тенки гранки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности