
Денеска во 18.30 часот во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија ќе биде отворена изложбата „Конекција 2“.
Осум уметници од различни градови во Македонија, поранешни студенти на Националната ликовна академија во Софија, ќе претстават дела од областа на графиката, сликарството, вајарството и уметничката обработка на метал. На изложбата ќе бидат делата на Марјан Ѕин од Струмица, Иво Пецов од Виница, Адриана Јованоска од Прилеп, Зоран Мише од Охрид, Павел Целкоски од Охрид, Горан Тричковски од Делчево, Зоран Георгиев од Гевгелија и Иван Стоименов од Скопје .
Првата изложба од концептот „Конекција 2“ се одржа во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија во 2012 година. Во 2014 година се организираа изложби во Велико Трново во галерија „Таралеж” и Благоевград во аулата на Југозападен Универзитет „Неофит Рилски“.
Концепцијата „Конекција 2” во 2015 г. ќе продолжи со вклучување и на неколку други познати ликовни уметници, со организација на изложби на 6 март во Русе и во текот на следните месеци во Пловдив и неколку други градови во Бугарија.
Изложбата и ликовните уметници во КИЦ на Македонија ќе ги претстави Васко Шутаров, директор на нашиот Центар во Софија, а проектот е поддржан од нашето Министерство за култура, информираа од КИЦ на Македонија во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


