| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните се свестуваат, покажуваат хуманост и кон своите сограѓани

poplavi-4

Менталитетот на Македонците почнува да се менува. За разлика од порано кога беа поподготвени да помогнат на некој од надвор, како што беше случајот со поплавите во Србија и во БиХ, кога сите се кренаа на нозе и безрезервно помагаа, сега почнуваат да ја покажуваат својата хуманост и кон своите сограѓани, донирајќи за семејствата погодени од поплавите во Македонија. Дека граѓаните на државава се хумани потврдуваат и од Црвениот крст на Македонија, од каде што информираат дека преку телефонските линии кај трите мобилни оператори за само 24 часа се донирани околу 10.000 евра. Денеска веќе има нови донации, но со оглед на тоа дека мобилните оператори не даваат дневни извештаи за собраните пари, не може да се прецизира точно колку пари се донирани, а ја надминуваат сумата од 620.000 денари.

– Освен пари, тука се и донациите во производи. Со хуманитарна помош, покриени се 612 семејства. Поделени се 197 пакети храна, 217 пакети со хигиенски средства, 800 ќебиња, 14,5 тони вода, 80 душеци – велат за „Република“ од Црвениот крст на Македонија.

Оттаму додаваат дека акцијата за помош на поплавените продолжува и дека очекуваат натамошен масовен одѕив на граѓаните, како од земјва, така и од надвор, за што се отворени и посебни девизни сметки.

Инаку, и Владата како свој придонес за поплавените најави дека ќе се откаже од ДДВ-то од пораките за донација на поплавените подрачја. Предлогот ќе се разгледува на следната владина седница. Освен што ќе се откаже од ДДВ-то од телефонските повици, Владата предвидува олеснување за компаниите кои ќе сакаат да донираат мебел и бела техника, така што ќе им се отпише процентот на ДДВ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top