| четврток, 6 декември 2018 |

ДС го повика СДСМ да ги објави „бомбите“, неприфатливо е да се уценува државен врв

Во врска со презентираните информации за сомненија за обид за државен удар, Демократскиот сојуз укажува на потребата Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Судот, да работат јавно и транспарентно и да ги објават сите релевантни докази и факти врз основа на кои се темели судската постапка против четири лица, меѓу кои и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. За нив е крајно неодговорно и неприфатливо да се користат уцени и закани во политичка борба. Од партијата го повикуваат СДСМ да ги објави информациите што подолго време ги најавува.

-Согласно Уставот на Република Македонија сите граѓани се еднакви пред законот и никој не може да биде над него и да ја избегне одговорноста, без разлика за кого се работи, која е неговата позиција, социјален статус и др. За Демократскиот сојуз е крајно неодговорно и неприфатливо да се користат уцени и закани во политичката борба. Се работи за тешки обвинувања, поради што инсистираме Судот да покаже висок степен на резистентност и да не потпаѓа под било какви влијанија и притисоци. Овој случај може да се разреши само со целосно почитување на владеење на правото. Демократскиот сојуз инсистира на целосно расчистување на сите аспекти во врска со сомненијата за насилство спрема претставници на највисоките државни органи како и шпионажа, со цел да не се заоструваат и ескалираат политичките состојби, меѓусебните обвинувања и поделби. Демократскиот сојуз повикува на разумно, одговорно и внимателно однесување од страна на сите политички партии, при што наша цврста определба е наместо тајни разговори, улична демократија и слично, сите политички несогласувања да се решаваат преку дијалог и во рамките на институциите. Демократскиот сојуз предлага за сите отворени прашања да се отвори расправа во рамките на Парламентот, велат од партијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top