Диме Илиев иако е во седмата деценија од животот, гордо ги носи годините на своите плеќи и работи неуморно и покрај тоа што има четири децении стаж. Со својот ангажман во театарот, на филмот, во телевизиските серии, како да им пркоси на годините (62) и сака да сработи колку што е можно повеќе. Отсекогаш многу скромен, можеби и премногу, но длабоко и искрено вљубен во својата професија, Илиев или чичо Димо, како што го викаат во Драмски, уште сака да им помогне со совет на помладите колеги, тие што сакаат да ги слушнат неговите совети. Доајенот на македонското глумиште имаше маестрална улога во претставата „Човекот што го изеде светот“ глумејќи склеротичен татко.
Во моментов на репертоарот на Драмски театар играте во шест претстави. Од каде кондиција, од каде ја црпите радоста за толку голем ангажман?
ИЛИЕВ: За годините што ги имам и три претстави се многу. Чудно е тоа што во последниве неколку години тоа зачисти, од претстава во претстава. И за младите актери е многу, од пет премиери да играш во четири претстави. И порано сум играл во повеќе претстави на репертоарот, ама не сум ги чувствувал. Доаѓаат годините и сѐ си велам, ајде уште ова да го направам! Работата ме одржува, работам со млади колеги, режисери, па тоа ми дава сила. Понекогаш и сам не можам да си го објаснам тоа. Последните проби пред премиера секогаш се многу напорни и тогаш помислувам дека следниот пат нема да прифатам нова улога, ќе паузирам. Ама, па и дома не се седи.

Помислувам дека следниот пат нема да прифатам нова улога, ќе паузирам. Ама, па и дома не се седи, вели Илиев
Многумина ќе се согласат дека улогата на таткото во „Човекот што го изеде светот“ е една најдобрите креации во вашиот опус. Дали Ве плаши, дали Ве ужаснува староста?
ИЛИЕВ: Многу ме плаши и ме ужаснува староста. Тоа е исконски страв, како страв од последниот чин. Јас навлегувам во староста со годините. Имам страв и кога ја играм улогата. Некако, на некој начин сите, ако не во најблиското семејство, имаме роднини, пријатели и соседи и тие луѓе ги среќаваме секој ден. Тие се беспомошни и, на некој начин, ние блиските како да се срамиме од тоа, иако знаеме дека сите нѐ чека тоа. Тоа е страшно. Заборавеноста, склерозата е страшна работа. Во процесот на работа, додека ја подготвувавме претставата, на режисерка Билјана Радиноска, ѝ велев: оваа сцена ќе ја пробаме еднаш неделно. Некои сцени ми беше страв да ги играм. Посебно таа кога синот ми вели: Татко имаш склероза, а јас одговарам: Знам.
И Вам, како и на Благоја Чоревски, Ви се случува истата приказна. Колку што сте повозрасни, толку повеќе ве има во театарот.
ИЛИЕВ: Некои од нас играат повеќе, некои помалку. Чоре е во пензија, јас тука некаде, уште малку. Режисерите те гледаат, тука си, присутен си, ги извршуваш зададените задачи. Помладите режисер, кога ги прашувам зошто ме земаат во нивните претстави, ми велат: Ве гледам и гледам дека тоа што го правите, иако имате толку години, го играте со жар. Се вклопувам во секоја претстава, режисерите се сигурни во мене, го сакаат тоа што го играм. Почесто сум во претставите на младите режисери и мислам дека тие меѓу себе контактираат и разменуваат искуства за процесот на работа додека се подготвуваа претставата. Јас учам од младите режисери, тие прифаќаат нешто мое. Во последно време, десетина претстави наназад, кога сме малку повозрасни актери или, пак, сум сам, сакам, ако сакаат колегите и колешките да прифатат нешто, да им кажам по нешто. Ако сакаат да прифатат, добро, ако не сакаат, не инсистирам. Еден режисер, сега ова ќе излезе како фалење, по премиерата на „Човекот што го изеде светот“, ми рече: Улогата ти е за учебник. И Радиноска по премиерата ми рече: Многу научив од тебе како треба да работам, како тече процесот. Станува збор за искуство. Кога се чувствуваш одговорен за работа, тоа уште повеќе ти дава поттик за работа.

Имало моменти кога многу ми било тешко
Дали тоа што го сработевте во овие четири децении работа Ве прави горд човек и актер?
ИЛИЕВ: Имало моменти кога ми било многу тешко. Тоа биле моменти на некои падови. Едноставно, има период кога една година нема да се видиш во ниту една поделба. Тоа зависи од многу работи. Од текстот, од режисерите што доаѓаат, некој режисер не те познава, поделбата на улогите се правела тајно… Сум имал падови во мојата кариера, но работата секогаш ме исполнуваше, ме држеше, ми беше ќеф, радост. Аплаузот по претставата на сцената значи многу. Од тоа сите живееме. Еден од убавите моменти е кога од сцена, со колегите ќе влезеш во шминкерницата и по убава претстава ќе ги споделиш емоциите, доживувањата додека ја симнуваш шминката, мустаќите, периките. Тоа е едно прекрасно чувство, кој ретко кој го има во работата. Задоволен сум од тоа што го работам. Свесен сум дека сум во години кога е „залезот на сонцето“, годините се тие. Имав многу убав почеток на кариерата, со филмот „Исправи се Делфина“, но и во театарот, каде што во првата година добив награда за најдобар млад актер. Како што почнав, сѐ оди натаму дека и така ќе ја завршам професионалната кариера.
Во животот има такви некои бранови, кога воопшто не е лесно. Дали тешкотиите со кои се соочуваме ќе поминат?
ИЛИЕВ: Лошите работи се пребродуваат, ќе ги поминеш. Тешко е, да, признавам, се паѓа во депресија. Многу е тешко кога повторно ќе влезеш во колосек. Но, тоа што е квалитет, ќе излезе на виделина. Тешко е, ама не треба да се загуби надеж. Тешко е да се преживее, да се издржи. Една, две, три години неиграње на сцената, доаѓа нов бран, те поклопува и треба да знаеш да испливаш од тие води, како сурферите. Си тие падови и воздигнувања, нашата работа ме потсетува на одење по тенка жица, што секогаш е опасно. Нашата работа е страшна. Има работи што јас никогаш не ги научив во животот, како на пример да се туркам со лакти. Можеби е така подобро.

Има работи што јас никогаш не ги научив во животот, како на пример да се туркам со лакти. Можеби е така подобро
Дали денес недостига да се живее за театарот?
ИЛИЕВ: Има луѓе што ја загубиле волјата, желбата и покрај тоа што го направиле. Ние сме мал пазар и многу тешко се излегува надвор. Ако една претстава не отиде на некој фестивал, не ја види друга публика, за два-три месеца се заборава. Кој ја видел, ја видел. Доаѓа нова улога, нова претстава. Во некое друго време се патуваше многу повеќе, Во Караказ, во САД, Германија, Франција… Не е сѐ до нас. Порано имавме и по десет премиери за сите возрасти.
Што би им препорачале на младите колеги?
ИЛИЕВ: Драмскиот театар бил познат по тоа што отсекогаш сме учеле од повозрасните. Секогаш повозрасните колеги нѐ прифаќале. Јас го знам тоа, и така работам, така дејствувам. Ги прифаќам младите и сакам да им помогнам. Многу е ретко тоа некој со две-три претстави да стане ѕвезда. Мислам дека треба да работат и да не се срамат и од мали улоги, да не се срамат од што било. Важно е да работат. Со искуството ќе видат што е добро, што е лошо. И сега има претстави што, можеби, не ни се допаѓаат, што мора да ги играме, но има и претстави што многу сакаме да ги играме. Преку работата, сите ги гледаат актерите. Не само театарски режисери, туку и филмски, телевизиски режисери, доаѓаат продуцентски куќи. Суетата избива, но нека не губат надеж. Сето тоа што е талентирано и надарено ќе излезе на површина. Можеби треба малку да се причека. Има и такви што со сопки, со крадење, сакаат да те спуштат долу. Но, никој не може да ти го украде талентот. Нека не се учат на лоши работи. За жал, има и такви. Но, со нив никој не сака да работи.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


