Актерот од Драмски театар Диме Илиев е добитник на наградата „Актер на годината“, која „Дневник“ годинава ја доделува петти пат. Тој го добива ова признание за улогата на таткото во претставата „Човекот што го изеде светот“, во режија на Билјана Радиноска, чија премиера се случи во декември минатата година. Едногласно ја донесе одлуката жирито во состав: театролозите Јелена Лужина, Мишел Павловски, Лилјана Дамовска, уредничка на културната рубрика, новинарката Сребра Ѓорѓијевска и театарскиот рецензент Тони Димков.
Илиев е најактивниот актер на театарските сцени во нашата земја од неговата генерација. Годинава може слободно да се каже дека наградата е за целата претходна театарска година, зашто оствари исклучителни улоги во претставите „Ждрело“ на Зоја Бузалковска и во „Капетанот Џон Пиплфокс“ на Коле Ангеловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.