Невработените лица и заиинтересираните компании од утре ќе можат да аплицираат за Обука кај познат работодавец, мерка со која годинава ќе бидат опфатени 1.000 лица за чијашто реализација се обезбедени 22 милиони и 600 илјади денари во буџетот на Агенција за вработување преку програмата на ИПА, односно два гранта за Агенцијата за вработување.
Обуката ќе трае три месеци, период за кој невработените ќе добиваат по 6.200 денари месечно, а компанијата која ќе ги обучува по 1.399 денари по лице месечно или најмногу до 25 илјади денари. По обуката работодавците се должни на работа да задржат 50 проценти од лицата што биле обучувани и тоа во период од најмалку една година.
Доколку обуката ја посетуваат примателите на социјална парична помош тие ќе продолжат да го остваруваат ова право за нејзиното времетраење. Ако, пак, се работи за лица што се под 29 години и ја помине оваа обука, работодавецот ќе може да смета и на ослободување од плаќање придонеси во текот на првата година од вработувањето.
– Обуката ќе се реализира во реални работни услови на работните места кај приватните компании, кои ќе аплицираат за искористувањето на оваа мерка, при што невработените лица ќе имаат можност за обука на работно место во период од 3 месеци за што ќе добиваат по 6.200 денари месечно заедно со осигурување при повреда при работа. Приватните компании ќе добијат финансиски надомест за реализација на обуките за невработените лица во износ до 25.000 денари. И за привaтните компании е одлична можност да ги обучат невработените лица што сакаат да ги вработат и 50 проценти од нив да ги задржат на работа, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на презентацијата на мерката.
Тој информира дека минатата година со оваа мерка биле опфатени 569 лица од кои во моментот се вработени вкупно 305, кои пред оваа мерка биле невработени.
– Би сакал да ги повикам сите невработени лица да аплицираат за оваа мерка и да ги зголемат можностите за нивно вработување, како и сите приватни компании – рече Спасов.
Додаде дека новина годинава е тоа што Агенцијата за вработување го воведува и меил системот за информирање на приватните компании.
– Практичо од утре па натаму сите приватни компании во Македонија ќе бидат информирани преку електронска пошта за можностите што ги има, односно за огласите кои што ги објавувавме во соработка со АВРМ додека пак како и досега односно минатата година ќе се продолжи со СМС информирање на невработените лица кои што се активни баратели на работа и кои што сакаат да учествуваат во овие мерки кои што ги нудиме за невработените лица – рече министерот за труд и социјална политика.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија смета дека оваа мерка во текот на изминатите години дала многу добри резултати. Во прилог на тоа посочи дека преку неа досега вкупно се склучени 7.046 договори за обука.
Од нив, рече Поповски, биле вработени 5.034 лица, а сè уште рабоати 4.471 лице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.