| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешни француски војници во редовите на џихадистите

Десетина поранешни француски војници се борат во редовите на џихадистите во Сирија и Ирак, од кои мнозинството во силите на групата Исламска држава (ИД), објави Радиото Франс Интернасионал (РФИ).

Како што јави дописникот на МИА од Париз, ваквата информација ја потврди францускиот министер за одбрана Жан Ив Ле Дриан, кој притоа рече дека тоа е „крајно ретка“ појава.

Профилите на овие лица се различни, меѓу нив има родени Французи кои ја промениле верата, но исто така и француски државјани со арапско-муслиманско потекло.

Според новинарот Давид Томсон, кој е специјалист за џихадистичките движења, еден од овие поранешни француски војници е предводник на група на десетина француски борци кој ги обучил самиот во регионот на Деир ел Зор на истокот од Сирија.

Други војници, на околу дваесет години, биле експерти за експлозив. Меѓу џихадистите се наоѓаат поранешни војници на Легијата на странците, но исто така и поранешни припадници на падобранските командоси.

Ако му се верува на репортерот на РФИ, некои од нив самите објавиле на социјалните мрежи дека служеле во француската армија, која е професионализирана.

Откривањето на овие случаи е многу проблематично за Париз, нидејќи не само што околу илјади француски државјани или жители се вклучени во борбите во Сирија и Ирак, туку овие борци од „нов вид“ се крајно опасни бидејќи биле обучени за ракување со оружје во Франција и би можеле да предизвикаат штета по враќањето во земјата. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top