Во четврото коло на светското првенство во Катар Македонија по првите 30 минути во дерби дуелот од групата Б против репрезентацијата на Хрватска покажа дека се работи за голема репрезентација. Негативата од еден гол разлика (14-15) ги остава нашите репрезентативци во игра за првото место во групата.
Во првите 15 минути избраниците на Ивица Обрван имаа предност и од четири голови разлика (9-5), но на сцена стапи десното крило Чупиќ кој набрзина постигна четири голови и ја врати својата репрезентација во игра.
До крајот на првиот дел повторно Македонија се одлепи (13-11) и имаше на двапати шанса да дојде повторно до опиплива предност, но Никола Марковски беше непрецизен од зицер позиција од линијата од шест метри.
Главните ѕвезди во хрватскиот состав Дувњак и Копљар воопшто не се видоа на теренот, па улогата на организатор на играта ја презема Карачиќ кој успешно ги разигруваше своите соиграчи.
Нашиот најдобар репрезентативец Кире Лазаров добро е чуван, на моменти и грубо, но судијата тоа сеуште не го санкционириаат. И покрај тоа Кире веќе постигна 3 гола.
Георгиевски и Манасков се ударна игла во контранападот, и двајцата постигнаа по два гола. Ристовски е на голот и успеа да одбрани седум топки.
Да се надеваме дека во второто полувреме ќе продолжиме со добрата игра и можеме да се надеваме на позитивен резултат кој води до првото место во нашата група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.