| четврток, 6 декември 2018 |

Модерниот и фудбалскиот дух споени во едно

Во Милано може да се најде добро сместување за прифатливa ценa. Најевтините хостели нудат соби за пет евра по лице, се разбира, на поголема далечина од центарот на градот. Освен ова, имате можност да се сместите и во поевтини апартмани со одлични услови

Доколку сте љубители на пазарење, култура и уметност, тогаш, дефинитивно, треба да го посетите Милано. Овој италијански град со право го носи епитетот престолнина на модата, а за многумина ја претставува Италија во мало. Освен како центар на гламурот, во Милано се наоѓаат прекрасни уметнички и историски дела како „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи.

Со воведувањето на нискобуџетните летови на авиокомпаниите во Македонија кон атрактивни европски градови, граѓаните имаат можност да ја посетат привлечната престолнина на Ломбардија за малку пари, преку целата година.

 

Zivot123-Milano-2

 

Искористете ги нискобуџетните летови и аранжманите на туристичките агенции

Патувајте до Милано со поволните летови на авиокомпаниите што нудат ниска цена на билети, со можност за брзо и удобно пристигнување до посакуваната дестинација. Цената на повратните билети за авионски превоз од Скопје до Милано се движи меѓу 20 и 100 евра, во зависност од тоа во кој период од годината ќе решите да патувате, на кој датум или преку која авионска компанија.

Секако, доколку немате желба вашето патување да биде со авион, на располагање имате многу туристички агенции што нудат поволни аранжмани, а вклучуваат автобуски превоз, хотелско сместување и организирано разгледување со локален водач. Ваквите аранжмани ќе ве чинат од 130 евра, па нагоре, за едно лице. Вообичаените цени само на автобуски билети на релација Скопје – Милано изнесуваат од 60 до 80 евра во еден правец, додека повратниот билет чини од 110 до 150 евра, во зависност од тоа со кој автобуски превозник ќе се решите да патувате.

Zivot123-Milano-3

Ако веќе сте избрале да патувате со авион од Македонија, тогаш ќе слетате на аеродромот во Бергамо, во близина на Милано. По пристигнувањето на аеродромот, следниот чекор е како поевтино да се превезете до центарот на Милано или дестинацијата што ви одговара. Аеродромот во Бергамо е оддалечен од Милано околу 45 километри, а најлесен и најбрз начин да стигнете до градот е јавниот транспорт. Патувањето со автобус трае приближно 60 минути, билетите во еден правец се евтини и чинат пет евра, а повратен билет ќе ве чини девет евра.

Zivot123-Milano-6

Во Милано може да се најде добро сместување за прифатлива цена. Најевтините хостели нудат соби за пет евра по лице, се разбира, на поголема далечина од центарот на градот. Нив можете да ги побарате на интернет или да се консултирате со некоја туристичка агенција за да ви кажат со кои хостели соработуваат. Освен ова, во Милано имате можност да се сместите и во поевтини апартмани со одлични услови, кои се добро уредени, а чинат, на пример, 140 евра за едно четиричлено семејство, за три дена, со вклучен појадок.

 

Zivot123-Milano-5

 

Што вреди да посетите во светскиот центар на модата

За туристичка обиколка низ „Портата кон светот“, како што се нарекува овој италијански град, искористете ги градските автобуси, кои поминуваат покрај сите знаменитости вредни за вашето внимание, а билетот чини од четири до пет евра за целодневно возење и разгледување. Исто така, исплатливо е и изнајмување автомобил додека престојувате во Милано, особено за тие што се на фамилијарно патување. Изнајмувањето автомобил нема да ве чини повеќе од 20 евра дневно, во зависност од тоа за колку денови ќе го изнајмите. Во Милано, модата, уметноста и дизајнот се начин на живеење, а со својата архитектура и стил ниеден турист нема да го остави рамнодушен. Пример за тоа е прекрасната катедрала Дуомо и истоимениот плоштад, кој се наоѓа пред неа. Таа е најголема катедрала во Италија изградена во готски стил, а за влез се плаќа околу 10 евра. Но, посетата на Милано не е целосна ако не ја посетите операта, познатата миланска „Скала“, или замокот Сфорца, кој е претворен во Институт на уметноста и на историјата. Ако веќе се наоѓате во модната престолнина, тогаш мора да прошетате по улиците Монтенаполеон и Галеријата „Виторио Емануел Втори“, на кои се раѓаат модните трендови и се наоѓаат најпознатите модни куќи и бутици „Валентино“, „Армани“, „Долче и Габана“, „Версаче“, „Прада“.

Zivot123-Milano-4

Фудбалот е, дефинитивно, најпопуларен спорт во Италија, а овој град е дом на двата најпопуларни фудбалски клуба, Милан и Интер. Љубителите на фудбалот задолжително треба да го посетат стадионот „Сан Сиро“ кога се натпреварува Милан, а „Џузепе Меаца“ кога игра Интер. Неверојатната атмосфера на натпреварите од која ќе бидете дел, особено на дербито меѓу овие два клуба, е вистинско доживување што се памети цел живот.

 

(Пишува: Јана Јосифоска
Текст објавен во 123. број на неделникот „Република“, 9.01.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top