| четврток, 6 декември 2018 |

Значаен триумф на Црвена звезда, „кралевите“ на колена пред Панатенаикос

panatenaikos

Реал Мадрид ја губи трката со ЦСКА Москва за првото место во Евролигата откако „кралевите“ претрпеа нов пораз, овојпат на гостувањето против Панатинаикос со 88-82. Пресудни се покажаа последните пет минути од средбата, кога по водството на Реал од 66-68 домашните кошаркари со серија од 11-3 ја презедоа контролата над резултатот, чувајќи го водството до самиот крај и конечната победа. Синглтон со 21 поен беше најзаслужен за големата победа на ПАО, додека најдобар поединец кај Реал Мадрид беше Рендолф со 13 поени и 9 скока.

Перо Антиќ не се појави во тимот на Фенербахче при вечерашната победа на гостувањето во Германија против Брозе баскет (78-83). За проблемите на Жељко Обрадовиќ во пресрет на финишот од сезонава да бидат уште поголеми, Богдан Богдановиќ заработи повреда што навидум делува многу сериозно, па најдобриот играч на Фенер сега го очекува нова пауза од терените. Боби Диксон ја презеде улогата на лидер на овој натпревар постигнувајќи 26 поени, додека Датоме учествуваше со 16 поени во новиот триумф на турскиот првак.

Црвена звезда во драматичен натпревар стигна до огромен триумф на гостувањето во Милано против Емпорио Армани со резултат 71–78. „Црвено-белите“ водеа три четвртини, на моменти имаа и над 15 поени позитива, но домаќините се вратија и на половина од последниот период израмнија на 60-60. Во тие моменти одговорноста ја презеде Кузмиќ, кој со неколку успешни реализации ја врати самодовербата кај првакот на АБА-лигата и ја донесе победата што е од огромно значење во битката за место во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Анадолу Ефес по голема битка го совлада тимот на Макаби со 92-87. Грејнџер со 22 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, пред Ертел со 18 поени и осум асистенции, додека најефикасен во редовите на Макаби беше Виктор Рад со 23 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top