| четврток, 6 декември 2018 |

Последниот разговор на Чарли

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Не проверувајте во полиција, разговорот е фиктивен.

Чарли: Ми недостасуваш…

Игор: Играва стана повеќе од игра!

Борис: Game is over, дечки!

Ксенија: Некој го наклевети Хегел на минатата забава. И пророкот веќе не е ин. Треба да смислиме што може да го зголеми тиражот, инаку ја затвораме редакцијата!

Чарли: Папата?

Ксенија: Неее!

Разговорот се прекинува поради звук на експлозија. Во соседството или? Во исто време на телопот оди реклама на една од градските книжарници:

Купете: „Не ми е страв“, од Николо Аман-и-ти! „Ислам“, од Мишел Велбек…

Ксенија е секретарка во редакцијата. Нејзината главна задача е да прави скен на пазарот и да ги брои кликовите на веб-сајтовите коишто носат најмногу посетеност.

Што е она што во денешно време ги скокотка луѓето?

Од револуцијата па наваму, француската популација е научена да нема сопирачки во мислите. Франција е земја каде што ти е дозволено да хулиш на начин што и еден Хулио би ти позавидел. Иглезијас и синовите. Оваа игра на зборови за најголемите шпански шармери одговара на македонскиот правопис.

Тие, исто така, истражуваат зад кулисите: кој ги создал култните религиски ликови и потоа ги дресирал андроидите да веруваат дека треба да одат во најголема тишина од страв да не ги разбудат заспаните ликови во другата димензија? Што ако во моментот кога тие се будат, ти посакаш нешто лошо, и, на пример, ти падне керамида на глава?

Откако еднаш била воведена и станала популарна техниката на трансцендирање, боговите повеќе не можеле да се прават наудрени и да ги игнорираат молбите на луѓето. Луѓето го направиле одважно следниот храбар чекор: наместо да поднесуваат молби и да чекаат, одлучиле да се качат скалило погоре и да размислуваат вака: што би направил јас да сум семоќен?

Или: што би направил кога сега и овде мојата немоќ би се преобразила во моќ?

Едно е сигурно: тероризмот се покажа како највлијателен пи-ар на политичките агенди. Не е важно од чија страна си, важно да си во жижата на случувањата, а жижата е секогаш таму каде што фитилот догорува и искрата се префрла на барутот.

Сетете се дека во политиката нема емоции. Има само (не)разум. А тероризмот е моќна алатка за предизвикување лажни емоции на сочувство. Замислете само колку тони поддршка отиде во етерот бесплатно! For free.

Колку тони? Да не мислиш на Цетински?
Ксенија: Не Чарли, мислев на Ксенија Еркер. Но веќе го заклучивме бројот…

Во овој тип судири нема победници и победени – овие судири немаат ни почеток ни крај, тие се обично клатно. На некој што обично е во сенка, сосема му одговараат – без оглед на сите резолуции и декларации за слобода или мир.

Во секој случај одбраната е единствениот случај кога насилството е оправдано. Да речеме го браниш својот интегритет или сувереност. Парадокс бр.2: ако имаш интегритет и суверен си, тогаш имаш моќ: немаш потреба да се браниш зашто никој не се осмелува да те нападне. Ѕвони? Или експлодира?

Колку жители на оваа планета во моментов седат на гробовите на своите најмили и оплакуваат? Може ли некој да пресмета колку тони, ресантиман, тага, осветољубие, гнев и огорченост се испраќаат како сигнали во универзумот? И дали победникот се пресметува според тоа колку е моќен да ликува по масакрот, врз гробот на противникот? Дали е тоа оној со повеќе тони желба за одмазда? Или оној што посилно ќе си ја удри главата од Ѕидот на плачот? Чиј е тој ѕид?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top