Берлинскиот филмски фестивал оваа година се отвора со светската премиера на „Никој не ја сака ноќта” каде што главната улога ја толкува актерката Жулиет Бинош. Филмот е во режија на Шпанката Исабел Коихет. Тоа е историска драма за храбрите жени и амбициозните мажи, во која дејството се случува во смрзнатиот Гренланд во 1908 година. Во филмот што ќе биде еден од 23-те во конкуренција за Златна мечка, играат и Јапонката Ринко Кикучи и Ирецот Габриел Бирн.
Ова е седми филм на Коихет, која беше членка на жирито на Берлинале во 2009 година, што ќе игра на фестивалот и трет нејзин филм во конкуренција за Златна и Сребрена мечка по „Елегија” (2008) и „Мојот живот без мене” (2003). И Бинош е редовна учесничка на Берлинале со „Чоколадо” (2001) и „Љубовници на мостот Пон-Неф” (1992). Во 1997 година ја доби наградата Сребрена мечка за најдобра актерка за “Англиски пациент”, а подоцна доби и Оскар за истата улога.
Берлинале е еден од најстарите филмски фестивали во светот со традиција на филмови со политичка агенда. Берлинале годинава ќе се одржи од 5 до 15 февруари, со што ќе почне фестивалската сезона за 2015 година, а најавени се само дел од филмовите во главна конкуренција, како „45 години” на Британецот Ендру Хејг, „Додека сонувавме” на Германецот Андреас Дрезен и „Џандар срце” на американскиот режисер Теренс Малик.
“Педесет нијанси сиво”, драмата со Џејми Дорнан и Дакота Џонсон што се очекува со нетрпение, ќе игра вон конкуренција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.