| четврток, 6 декември 2018 |

Металург пред нов предизвик во Минск, против Динамо за историја

Денеска од 17 часот, во Минск,  македонскиот ракометен првак Металург, го почнува осминафиналниот двомеч со белоруски Динамо, во Лигата на шампионите. Предизвикот е голем, а историјата на дофат, за прв пробив на наша екипа во октетот најдобри, во најсилното европско клупско натпреварување.

Цврстата одбрана е главен адут на Мателург, против незгодниот претставник од Источна Европа. Динамо е силна екипа составена од руски и белоруски репрезентативци, а се издвојуваат Атман, Онуфриенко и Бабичев. Квалитетот го презентираа и против најсилните тимови во Европа, па во фазата по групи ги победија реномираните Фуксе Берлин, Пик Сегед, Загреб, а едвај ги порази Барселона. Во двата меча со европскиот гигант загубија со мала разлика од еден гол во Каталонија и два во Минск.

Динамо има добри спомени во дуелите со Металург. Во квалификациите во Порто пред две сезони, го елиминираа македонскиот тим со победа од 27-21. Отогаш, сепак има доста промени во двата состави. Металург се промовира во силна европска екипа, а се реваншираше во Струга на традиционалниот турнир, со триумф против Динамо од 26-23.

Денеска во Минск, е само првото поглавје од осминафиналната пресметка, а конечниот победник ќе се знае по реваншот во Скопје, на 23. март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top