До 1930 година овој тропски плод бил малку познат надвор од својата татковина – јужниот дел на Африка. Подоцна бодливата краставица успешно се одгледувала во Австралија и во Нов Зеланд, каде што плодот бил преименуван во кивано поради сличноста со киви.
Плодовите се со жолта или со портокалова боја и се покриени со многубројни тврди боцки. Се консумира внатрешноста, во која се наоѓаат и семки. Неговото месо е со светлозелена боја.
Киваното е честа состојка во овошните салати, а се јаде сурово. Нискокалоричен е и затоа е погоден при диети за слабеење. Од неодамна овие плодови го имаат предзнакот домашни бидејќи се произведуваат и во Македонија. Владимир Милановиќ со својата сестра Даринка во Карбинци, во непосредна близина на Штип, го прават реалност својот сон за фарма со егзотично овошје и зеленчук, а меѓу нив е одгледувањето кивано.
– Кога се решивме за садење егзотични растенија првичната идеја ни беше да почнеме со гоџи, но сепак се решивме да одгледуваме нешто ново. Почнавме многу оптимистички. На површина од еден хектар беа подигнати првите насади со кивано. Имаше многу проблеми, но, сепак, ако човек е упорен и верува во својата цел и, секако, ако посветено работи, резултатите доаѓаат сами по себе. Нашата цел е во Македонија да донесеме егзотични култури, кои даваат одлични приноси, барани се на европскиот пазар и носат добра заработка. Технологијата за производство на кивано е специфична, но со нашето искуство, а и со искуството на нашиот партнер од Хрватска, на нашите кооперанти им обезбедуваме расад, технологија, надзор и, секако, пласман на плодовите. За оваа година имаме ограничен број кооперанти, кој речиси е пополнет, а за следната 2016 година тој број, секако, ќе се зголеми – вели Милановиќ, сопственик на фирмата „Милановиќ“, која на македонска територија се занимава со производство на егзотични плодови.

Тој објаснува дека киваното е плод, кој доколку се чува на температура од 18 степени, има рок на траење од неколку месеци, затоа е неопходно кооперантите да имаат и простор за суво складирање на плодовите бидејќи откупната цена не е иста во ноември, декември или во јануари.
– Кога сме кај заработката, таа од еден хектар насадена површина изнесува од 16.000 до 22.000 евра. Секако, зборувам за бруто-добивка, а треба да се нагласи дека, секако, има и инвестиција што почнува од расад, систем за наводнување капка по капка, подготовкана земјиштето за пресадување на киваното, па сѐ до последната фаза – берење и складирање на производите, но факт е дека се работи за исплатливо растение, кое носи и висока заработка – додава Милановиќ.
Киваното е добар извор на витамин Ц, калиум и на железо. Во помали количини содржи и магнезиум, фосфор, цинк, бакар, калциум и натриум.
Семето на егзотичниот плод содржи голем број масни киселини, вклучувајќи линоленска и олеинска киселина. Линоленската киселина е полна со омега-6 масни киселини, која е од суштинско значење за нашето здравје. Состојката е важна и за заштитните функции на кожата. Олеинска киселина помага за подобрување на имуните функции, како и за намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести.
Во семето на кивано содржи бета-каротен, кој помага за подобрување на имуниот систем и за одржување на здравјето на очите и на кожата. Исто така е корисно за превенција на рак, штитејќи од штетното влијание на слободните радикали.

Во киваното се присутни два антиоксиданса, токоферол и гама-токоферол. И двете се органски форми на витаминот Е, кој има многубројни позитивни ефекти. Исхрана богата со овошје и со зеленчук што содржи бета-каротен, ликопен и лутеин, помага и во заштита на ДНК, со што се забавува процесот на стареење.
Киваното се консумира како освежителен пијалок или свежо овошје. Во комбинација со друго овошје или сок, создава вкусни и егзотични пијалаци и коктели. Одличен е како десерт во комбинација со овошни торти, колачи од сирење, пудинг, сладолед и разни креми и додатоци. Може да се користи како одличен декоратер за коктели. Најлесно се консумира ако се пресече на половина и со лажица се извадат семките, кои се вкусни во комбинација со сладолед или јогурт. Може да се користи во изработка на преливи за салата, како замена на оцет. Оди и со солена храна, како сирење, краставици и домати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности


