Ниту 220-те возила кои ги има на располагање не му беа доволни на Гајур Кадриу, кадарот од ДУИ, за да ги расчисти снежните наноси од патиштата. И по една недела сообраќајот на одредени патни правци во земјата се одвива со застој.
Кадриу годишно троши дури 45 милиони денари на тендер за 135 возила од приватни компании кои се ангажирани за чистење на снегот. Но ќарот од ваквата зделка очигледно не го видоа граѓаните.
На Кадриу му требаа цели три дена за да излезе во јавноста со првичните проценки, додека граѓаните останаа завеани повеќе од 10 часа. Упатените говорат дека и со многу помалку возила може да се заврши работата, но само доколку добро бидат распоредени а состојбата се менаџира и се работи организирано. Според пресметките, со домаќинско работење Кадриу би можел со 45-те милиони денари на отплата да купи сосема нови или сочувани возила кои би биле во државна сопственост и со кои би се завршила работата.
Кадриу се уште нема одговор зошто и покрај ангажирањето на надворешни соработници, немаше никаков ефект за граѓаните? Во меѓувреме, додека тој се однесува ноншалантно, молчи и неговата партија ДУИ.
Освен возачите, деновиве беа погодени и граѓаните чии што домови останаа без струја. Нивните коментари се дека побрзо ќе се стопи снегот отколку ЕВН да ја преземе одговорноста за штетите кои им беа предизвикани поради недостатокот на електрична енергија.
И според аналитичарите се работи за чиста бизнис логика на големите компании. Можеби најдобро илустрирање на состојбата и однесувањето на ЕВН направи претседателот на партиската комисија на СДСМ Атанаско Тунески кој што додека беше во ВМРО ДПМНЕ на Радмнила Шекеринска и рече дека ЕСМ не треба да се продава и дека приватна компанија нема интерес да се ангажира за ситни прекини при завеани села.
Радмила Шекеринска, пак на овие укажувања посочуваше дека тоа е „бомбона бизнис“.
Очигледно, „бомбона бизнисот“ сега го плаќаат граѓаните на Македонија во регионите во кои речиси и по една недела се без струја и основни услови за живот. Бизнисот кој што го направи СДСМ им дојде до глава на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.