| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар си е Вардар, повлечена иницијативата за менување на името

Русинот Сергеј Самсоненко и раководството на ЖРК Вардар се пишманија и ја повлекоа анкетата на официјалната веб-страница на клубот за да се почувствува импулсот на јавноста за евентуално менување на името. Токму јавноста одговори со остра критика на идејата, па анкетата е повлечена.

 

„Во текот на денешниот ден беше хакиран веб-сајтот на ЖРК Вардар СЦБТ. Бидејќи нашата техничка служба откри нечесно гласање, што значи додавање гласови преку користење технички можности, стопирано е гласањето во анкетата за избор на новото име на клубот. Во меѓувреме се бара друга можност како да се направи објективно гласање за да знаеме што реално сакаат луѓето во Македонија. Нашата цел беше со оваа анкета да дознаеме што мисли македонската јавност за овој предлог, но сега тоа е нарушено и нереално и затоа анкетата е привремено стопирана – се вели во соопштението на официјалната веб-страница на ЖРК Вардар.

 

Предлогот беше дали да остане името Вардар или да се преименува клубот во РК Македонија, РК Скопје или РК Аеродром. Изненадувачки, мнозинството гласале за промена на името, а навивачите на Вардар одговорија со контраудар и остри критики. Вревата вроди со плод, па засега нема промена на името и анкетата е ставена ад акта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top