| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска

visnova hronika

Вечерва во клубот „Менада“ ќе се промовира романот „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска, во издание на „Или-Или“, која пред две недели прославиви 10 години издаваштво со јубилејната 100. книга во едицијата „Проаза“. За романот ќе зборуваат Лидија Димковска и Ѓоко Здравески.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ е нејзин втор роман.

„Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска е бело-црна хроника на растењето, на пријателството, на љубовта, на случајноста што се претвора во судбина и на судбината што станува случај, а како таков и животна, но и книжевна приказна. Приказната е раскажана од детско-младешка машка перспектива, ликовите се впечатливи, а времето со сите свои тажни невремиња и проблесоци на среќа е македонско, но и универзално сведоштво на една посеопфатна материјална и духовна криза во која западнал не само човекот, туку и човештвото. Потрагата по себе неретко е загуба и на себе и на другиот – вели Лидија Димковска

– Одличен раскажувач, и како раскажувач и како лик. Одлично воведно полнење на ликот со опишувањето на детството, посеаните семиња никнуваат низ романот. Браво за Ана и за Јасмин, каков пресврт! Браво за хуморот, браво за расфрланите референции од стварноста во која живееме. Создадениот свет одлично функционира, без тоа нема роман. Романот вози одлично. Браво за крајот! Зашто онаа на Аристотел е како зен точна, треба да има: почеток, средина и крај. Овде ги има сите три – вели Ѓоко Здравевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top