| четврток, 6 декември 2018 |

„Ла Вангуардија“: Смилевски стана откровение на европската литература

smilevskiРечиси за два месеца од објавувањето на шпански јазик, во издание на „Алфагуара“ од Мадрид, романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски го доживеа и второто издание. Шпанскиот дневник „Ла Вангуардија“ во својата традиционална листа на десет најзначајни преводи за тековната година го смести и романот на Смилевски. Критичарката Изабел Меланхон во освртот на „Сестрата на Зигмунд Фројд“, објавен на страниците на „Ла Вангуардија“, пишува: „Со високите естетски вредности на овој роман, македонскиот писател Гоце Смилевски стана откровение на европската литература“.
Во Шпанија се појавија и низа други критички одгласи за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Во шпанското издание на магазинот „Есквајер“, романот е оценет како стилски и тематски моќен како најдобрите дела на Жозе Сарамаго. Во рецензијата во неделникот „Ла Разон“ се вели дека авторот преку ликовите, нивните размисли и животни стории создава моќно преосмислување на лудилото и разумот, роман за животната мудрост. Алберто Мангуел, авторот на „Историјата на читањето“ и на мемоарската проза „Со Борхес“, за неговото пријателство со Хорхе Луис Борхес, во критиката во дневниот весник „Ел Паис“ пишува: „Изграден длабоко, интелигентно и со храбра имагинација, романот на Гоце Смилевски покажува како уметноста на фикцијата може да постави некои клучни прашања за кои историјата и другите науки не се осмелуваат да се запрашаат“.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија. Делото се преведува на 30 јазици во светот.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top