Со новиот Закон во кој се предвидува универзитетските професори да пишуваат научни трудови кои ќе бидат објавувани во списанија коишто се реномирани во светот и се дел од веб-оф-сајанс, премиерот Никола Груевски очекува дека професорите активно ќе пишуваат и ќе испраќаат свои трудови.
-Тука не е проблемот само дали тие сакаат да пишуваат, туку дали нивните дела ќе ги примаат во тие списанија, затоа што некој може 10 да напише а сите да му ги одбијат, не се примаат во тие реномирани списанија што се со импакт фактор, а коишто се дел од веб оф сајанс, и тука е нивната грижа значи делумно е заради напорот што треба да го даваат и да пишуваат, да креираат нова научна мисла, тоа е едниот проблем веројатно една третина од проблемот, две третини е дали откако ќе ги напишат ќе им ги прифатат дека се релевантни дека се квалитетни на меѓународно ниво. Има многу што им ги одбиваат-ги праќаат и по пошта им ги враќаат дека тоа не е доволно квалитетно за да се објави во едно такво реномирано списание, посочи тој.
Според премиерот Груевски, доколку професорите се посветат на таа работа и ако вложат многу труд, Македонија има потенцијал да стане поконкурентна на меѓународен план во делот на научната мисла, пред се на универзитетските професори во Република Македонија.
-Затоа е потребен овој закон затоа што сме на дното, на опашката на Европа во овој дел, и затоа е револтот кај професорите, јас ги разбирам меѓутоа не се согласувам со нив. Кога веќе решиле да бидат професори треба да произведат квалитет и да произведат научна мисла, треба да работат и не треба да бегаат од тоа бидејќи тоа го прават нивните колеги во сите земји многу повеќе отколку тие, додаде Груевски.
Во Словенија, како што појасни тој, 12 пати повеќе отколку во Македонија се издаваат научни трудови прифатени во меѓународните релевантни списанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.