| четврток, 6 декември 2018 |

Само љубовниците остануваат живи

Будимка Поповска

Будимка Поповска

…Во спомен на Игор Исаковски, Ристо и Васил Шишков…

 

Си биле Стравот, Смртта и Љубовта. Живееле во една куќарка на врвот на брдото, она истото каде што си играле трите прасиња, волкот и девојчето со кибритчињата. И она за коешто еден прочуен батко во миг на разгаленост рекол „ако ти не дојдеш кај мене, ќе тркнам јас до тебе…“

Кога палавкото Страв бил во куќата, секогаш пуштал гласна музика и играл криенка криејќи се самиот од себе, исплашен да не ја најде Смртта или таа него… Смртта никогаш не била расположена да си игра. Само седела стуткана во некое ќоше од куќата, чекајќи погоден миг да му се појави на Стравот. За тоа време, Љубовта, којашто го имала сето време на светот и била бескрајно трпелива, излегувала надвор и чекала музиката да стивне, и евентуално да влезе малку и да си го згрее срцето. Кога таа влегувала во куќата, Стравот излегувал, а по него и смртта.

Еднаш, на Стравот му здосадило да се плаши од сопствената сенка, и еднаш засекогаш излегол надвор. Потоа во куќата останала да живее само Љубовта и така малата куќарка на брегот станала Куќа на Сонцето…

Ова не е приказна за мали деца, туку жива вистина за срцето на човекот: човечкото срце е куќарката на брегот во којашто стравот и љубовта не можат да живеат заедно. Кога љуби, човечкото срце знае, а кога знае, не се плаши од смртта зашто знае дека смртта не постои.

Кога мислиме на некого, тој оживува на екранчето на нашата свест. А каде е кога не мислиме? И дали некој нè мисли додека ние мислиме на некого, по принцип на холограм?

Кога куќата е полна со љубов, сè друго самото заминува. И просторот блеснува… можеби за миг, но некој ќе види како паѓа ѕвезда и ќе посака желба. Да бидат спокојни сите што го напуштиле малиот екран на земјата…

Бидејќи, сите одиме натаму… порано или подоцна… или веќе сме таму, којзнае?

Бесмртноста не може да се освои. Треба само да ѝ се допушти… да влезе… стекнувањето со оваа умешност на допуштање е најголемата лекција додека ја имаш шансата да учиш.

И додека да научиш, ќе се окозиш. Стопати ќе влезеш во куќата на стравот, а љубовта ќе те извади на виделина и ќе ти рече: Уште не ти е време… но како да знаеш на кои приказни треба, а на кои не – да им се верува? Кој има потреба од заплашување надвор од куќите на страв и ужас во луна-паркот на животот? Исплашените педагози? Дали приказните за пеколот ги измислуваат „оние“ на коишто им треба нашата убеденост во пекол? Оти стравот од смртта има ефект само кога е поврзан со незнаењето за тоа што е овој феномен и како работи. И како некој може да биде сигурен во нешто, освен ако самиот го нема искусено?… дали сите наши претпоставки се обични танатолошки забеготини? Се вратил ли некој да каже како е…

Но, тоа не е точно. Ние сите, СИТЕ ние сме се вратиле од таму. Да, баш од зад завесата на театарот на смртта. Како сме дошле на овој свет? Каде сме биле до тој миг? Зошто сме дошле токму сега и овде? Ако земете да читате статистички податоци, уште повеќе ќе се збуните! Во смртта нема ништо неприродно, ако застанете среде една тропска савана или бразилска прашума – смртта е просто еден чистач, вентилатор со кој се прочистува просторот за нови и нови почетоци… но тоа само кога сме „споени“ со природата…

Ние секако сме споени, де, но некој повеќе, некој помалку, некој ич. Во што се гледа споеноста? Во бојата на лицето. Во насмевката. Во трепките коишто потреперуваат при секое отчукување на срцето. Најмногу во убавината на животот и во чувството на благодарност.

Смртта исто така е еден од најгламурозните спектакли во реалното шоу на животот зашто тој што е во главната улога е пасивно присутен, а активно отсутен, на заминување. Во зависност од тоа колку си бил близок со отсутно-присутниот, тоа заминување може да трае кратко, средно долго или долго. Кога се разделуваат љубовници, обично никогаш не станува. Нив смртта најмалку може да ги раздели. Нивната љубов само добива на интензитетот.

Само љубовниците преживуваат, за не?

*___________
Only lovers stay alife, Jim Jarmush

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top