Српскиот интернационалец Иван Мариковиќ и официјално не е повеќе член на македонскиот шампион МЗТ Скопје. Високиот центар денеска и официјално спогодбено го раскина договорот со управата на МЗТ. Маринковиќ последниот натпревар на МЗТ го гледаше од трибините, бидејќи само неколку дена претходно управата на клубот потпиша договор со македонски репрезентативец Предраг Самарџиски кој игра на иста позиција. Тренерот Боби Митев му стави јасно до знаење дека треба да си бара нова средина. Маринковиќ играше променливо од почетокот на сезоната и не ги оправда очекувањата од управата која се надеваше дека токму Маринковиќ ќе биде замена за двоецот Чековски-Гечевски кои летово преминаа во лутиот ривал, Работнички.
Маринковиќ е осмото име кое ги напушта аеродромци, а пред него од „Јане Сандански“ си заминаа и Марко Пајич, Милтон Џенингс, Ведран Моровиќ, Владимир Диковски, Георги Цинцадзе, Џордан Демјуинк и Ненад Зивчевиќ.
Покрај Самарџиски, МЗТ во текот на неделава треба и официјално да потпише со повратникот во екипата Стефан Синовец кој беше еден од најзаслужните за третата титула во низа за клубот од Аеродром.
Синовец првиот дел од новата сезона го одигра во унгарскиот тим Шолнок, но се повеќе седеше на клупата во последните натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


