| четврток, 6 декември 2018 |

Секогаш постои излез

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Дури и во ситуации на привиден безизлез, кога егото ја камуфлира вратата предвидена за случај на пожар.

Целиот наш живот е лекување. Терапија која трае. Според теоријата за метемпсихозата, доаѓаме овде, со цел да научиме некоја лекција…

И сè до последниот миг, ја учиме лекцијата. Последниот миг е фиктивен. Сè трае онолку колку што ни е потребно и колку што несвесно сме го испрограмирале сценариото. Случките што ни се случуваат, луѓето што ги сретнуваме, начинот на кој се чувствуваме и доживуваме…

Сè е добро кога се прави од срце. Штом нешто „треба“ или „мора“, ентузијазмот спласнува. Но, несомнено дека во животот има нешта што нè обврзуваат со својата исполнителност. Една од основните обврски ако човек сака да биде слободен, е да научи да биде искрен спрема самиот себе. А како се учи тоа?

Повторно со помош на парадокси: се учи преку неискреноста. Во почетокот, таа се прикрадува незабележливо, во вид на одбрана од разни несакани ситуации. Неискреноста доаѓа како замена за соочувањето со извесна непријатност. И станува компензација за ова слепило. Лагата е еден вид shortcut и полесно прогласување на случајот за „затворен“. Токму тоа: блокирање на енергијата и одложување на решението до „некогаш после“.

Но, тоа после за компулзивната потсвест значи сега, или уште подобро, вчера. Во превод?

Ако вчера си бил лажго, голема е веројатноста дека и денес ќе бидеш. Единствен начин да се ослободиш од оваа несакана навика е да ти „пукне филмот“. Кога ќе согледаш дека си се лажел себеси затоа што тоа бил полесниот пат да бидеш оставен на раат, станува полесно. Полесно се дише, полесно се оди, „поточно“ се верува.

За да се излечи една траума којашто со текот на времето се камуфлирала во некој образец на негативно однесување, потребно е постапно одење наназад кон болната точка во која е направен зачетокот на овој образец. Тоа може да се случи дури и преку сон (филмот Inception, во режија на Кристофер Нолан).

Да не беше оваа мимикрија, немаше да има потреба од никотинската индустрија, фармацевтската наука и медицината воопшто. Наместо пушејќи да си прават компензација за орално задоволување, луѓето без грижа на совест би си го дозволувале тоа. Наместо да ја затапуваат болката со лек, едноставно би се соочиле со неа, би ја погледнале в очи и би ја одболувале за да помине…

Доколку се стекнеме со увидот за начинот на којшто ни билo направено всадувањето (како во ситуацијата со привремената референца за името на РМ), доаѓа до ослободување на личната слободна волја што потоа може да се насочи во саканата насока и да се оствари посакуваната цел, којашто до тој миг се чинела недостижна само поради блокираната енергија под површината.

Така, кога си исплашен, без разлика од што, матрицата на стравот ја зрачи енергијата на жртва и ова го условува животот правејќи од него домино од условни рефлекси. Излишно е да се каже дека и стравот и жртвата се илузии создадени од магичната шапка на „егото“ – неговиот рефлекс да се брани и тогаш кога не е нападнат(о), за секој случај. Стравот е условот што ги обојува впечатоците и доживувањата на жртвата. Тие се такви какви што се, но емоцијата на стравот им дава специфична боја. Да се сетиме како функа механизмот „бори се или бегај“ во природата – за да не го дофатат канџите на лавот, еленот може да се спаси само ако бестрашно се вдаде во бег! Ако потклекне на стравот – готово е. Парализата има моментно дејство и тој од елен станува храна за децата на лавот или примамлива плешка во нечиј фрижидер.

Колку во вака дизајнираниот свет на давид против милион голијати, доблестите вршат работа?

Додека лавот се облизува мислејќи дека нашол сигурна вечера, еленот може да се спаси само на еден начин – да кликне на опцијата flight со брзина поголема од брзината со која стравот би го раширил впечатокот на парализа низ неговата крв.

Доблестите се секогаш во средината помеѓу претераноста од една или друга страна.

Ако еленот мисли дека може да го победи лавот, се разбира дека тоа е дрскост што ќе го одведе во погрешна насока… за еленот е храброст да може да избега во миг кога непријателот е посилен, и тоа не го прави инфериорен, напротив…тој едноставно ја плаќа цената на опстанокот…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top