| четврток, 6 декември 2018 |

Подгответе се за нови поплави!

Временската прогноза за наредните денови на Управата за хидрометеоролошки работи, во која се најавуваат интензивни врнежи, го вклучи алармот во Центарот за управување со кризи.

Од Центарот предупредуваат дека особено ризични места се областите во близина на реките кои сè уште се со висок водостој и регионите каде што сè уште има снег. Новите интензивни дождови претставуваат закана за населените места во подножјата на Шар Планина, Кораб, Пелистер и Кожуф. Центарот за управување со кризи ги повика сите надлежни институции да преземат навремени мерки за да се отстранат опасностите од нови поплави, а воедно ги повика и граѓаните да се вклучат во подготовките за да се намалат штетите.

–       Заради превентивно дејствување, Дирекцијата за заштита и спасување преку своите подрачни одделенија ќе достави вреќи за песок во критичните места каде што тоа е потребно. Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните и тие да учествуваат во расчистување на малите канали кои се наоѓаат во нивна непосредна близина, а кои се затрупани со цврст отпад кој го зголемува ризикот и опасноста од поплава. Исто така, им препорачуваме на граѓаните доколку забележат одредени појави што претставуваат закана за животот на луѓето и нивните материјални добра да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи и да пријават во инспекциските комунални служби на општините во кои живеат, со цел надлежните служби навремено да реагираат – се вели во известувањето на Центарот за управување со кризи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top