| четврток, 6 декември 2018 |

СП: Два лоши старта задолжително носат пораз

Исланд ја оправда улогата фаворит во мечот од третото коло, но впечаток е дека ние сами придонесовме за првиот пораз (23-19) на СП

Исландските ракометари ја прочитаа македонската репрезенатција како никој во поновата историја, и како плод на вешто поставениот бедем на своите шест метри не совладаа  со 23-19 со што ни ги намалија шансите за пласман на самиот врв од групата Б. Причините за првиот пораз треба да се бараат пред се, во лошите почетоци на двете полувремиња од мечот во салата Сан Пабло во Севиља во кои ние поентерски апстиниравме по 8 односно 9  минути. Од првиот таков период и резултат (4-0) се вративме и на полувреме заминавме со нерешен исход (10-10), но кога немоќта ни се повтори на стартот од вториот дел и влеговме во нова голема негатива(14-10), веќе немавме сили за нов пресврт.

Македонија имаше само една светла точка во 60. минути во кои постојано го гоневме противникот и ниту еднаш не поведовме. Голманот Борко Ристовски имаше 17 одбрани, не беше лоша ни линијата пред него, но ништо не ни вредеше затоа што во нападот бевме немоќни до тој степен што беше мачно да се следат нашите бавни и неинвентивни акции. На сето тоа се надоврзаа и 16 технички грешки и одличната вечер на исландскиот голман Густавсон кој задржа 16 топки. Кај нас најефикасни: Дејан Манасков  со 5 и Кире Лазаров 4 гола, а кај противникот и во мечот Сигурдсон со 8 реализации.

Следниот натпревар за македонските ракометари на мундијалот во Шпанија е утре од 15.45 против Русија која денеска на отворањето на програмата во Севиља го победи Катар со 29-22.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top