| четврток, 6 декември 2018 |

Попладнево Бугарија ја очекува техничката влада

sofijaАктуелниот бугарски амбасадор  во Франција, Марин Рајков, е најсериозниот кандидат за претседател на техничката влада на Бугарија, тврди во денешниот број софискиот весник „24 часа“. Според најавите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев попладнево ќе го соопшти составот на техничката влада, која ќе има задача да раководи со земјата до одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 мај. Рајков одбивал да ги коментира информациите дека ќе биде новиот бугарски премиер.

– Не можам ниту да негирам ниту да потврдам – кратко одговорил Рајков.

Бугарските медиуми шпекулираат дека во техничката влада Бугарија првпат би можела да добие жена за министер за внатрешни работи, функција која би ја презела актуелната раководителка на Дирекцијата за ЕУ и меѓунарона соработка при ова Министерство, Петја Прванова.

Министер за финансии, најверојатно, ќе биде заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, Калин Христов, а со бугарската дипломатија ќе раководи актуелниот амбасадор на Бугарија во Велика Британија, Константин Димитров. Најсериозен кандидат за нов министер за одбрана е Тодор Тагарев, додека директорот на Националниот институт за правда, Дргаомир Јорданов, се споменува како фаворит за нов министер за правда. Пливачот Петар Стојчев, кој е неколкукратен победник на Охридскиот маратон, пак, се споменува како најсериозен кандидат за нов бугарски министер за спорт.

Плевнелиев во интервју за австрискиот весник „Стандард“ најави  дека мотото на оваа влада ќе биде „За Европа, за демократија, за економски развој“. Според Плевнелиев, сите членови на техничката влада ќе бидат личности што своите кариери и репутации ги граделе од нула.

Предвремените избори во Бугарија беа закажани по трите неуспешни обиди на најголемите парламентарни партии да формираат нова влада откако досегашниот премиер Бојко Борисов на 20 февруари поднесе оставка под притисок на масовните улични протести поради поскапувањето на електричната енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top