
Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија
Поговорката со кој си, таков си сме ја слушале често како деца од нашите најблиски како еден вид предупредување на влијанието кое го наметнува нашето непосредно опкружување. Некогаш во негативна смисла сме биле предупредувани дека со определени личности не треба да сме во контакт за да го спречиме нивното штетно влијание врз нас директно или врз нашата репутација, но некогаш и во позитивна смисла за да сме опкружени со личности кои нѐ мотивираат да чиниме добри работи и да работиме на себеси. Постојат многу научни сознанија темелени на социјални експерименти кои ја поткрепуваат оваа поговорка и кои јасно сведочат за суштественото влијание на нашето непосредно опкружување врз нас.
Еден од најпознатите професори на Институтот за психологија при Универзитетот „Стенфорд“ во САД, Педро Гардет, направил едно истражување во кое анализирал 65.525 трансакции кои се вршеле во 1966 авиолетови од страна на повеќе од 257.000 патници. Професорот ги поделил испитаниците на лица-иницијатори, кои вршеле првична трансакција, и на лица-следбеници, кои посегнале по трансакција непосредно по иницијаторите. Процените до кои стигнал професорот биле дека во просек од 15 до 16 проценти од лицата-иницијатори купиле определен производ за време на авиолетот, додека стапката на ефект на следење кај следбениците достигнала до 30 проценти, за производи слични или исти со купените од страна на иницијаторите. Тоа, всушност, значи дека во голем дел однесувањето на лицата во нашето непосредно опкружување, макар и за присвојување на чисто материјални добра, влијае директно врз нашето однесување.
Интересна за опсервација во овој контекст е и ситуацијата која настанува во рамки на еден училиштен клас бидејќи станува збор за случајна композиција на разни карактери кои следат генерално иста динамика на пренесување информации и од нив се бараат генерално слични резултати. Имено, во рамки на едно истражување на професорот Леонардо Бурсзтун при УКЛА и професорот Роберт Јенсен при Универзитетот од Пенсилванија од САД биле анализирани неколку различни класови рангирани според успех: класови со почести (класови со повисок просек) и класови со понизок просек на средно ниво. Студентите од класовите со почести немале проблем со тоа да бидат тестирани преку разни тестови и компетитивноста која владеела меѓу нив во поглед на изработка на тестирањата била оценета како исклучително висока. Спротивно од нив, кај студентите од класовите со помал просек генерално владеела одбивност кон тестирањата и резултатите кои биле постигнати се разликувале повеќе од 30 проценти во надолна линија на среден успех. Според професорите, пораката што ја упатува ова истражување е дека иако неспорно за различна оцена е потребен различен квантум за знаење, клучно влијание врз средниот критериум за успех имаат средината и нивото на конкурентност кое студентите сами го наметнуваат како појдовно за прогрес.
Влијанието од страна на околината во литературата може да се сретне и под името peer influencing и тоа се смета за особено влијателно во економијата, каде што непосредното опкружување може да влијае врз потрошувачката моќ на поголема група потрошувачи. Овој феномен ја достигнува својата екстремна димензија преку појавата на т.н. to keep up with the Joneses кога постои стремеж да се репродуцираат навиките на луѓето со поголема куповна моќ (обично станува збор за луксузни добра) со цел поголема и покомфорна афирмација и интеграција во една средина.
Зошто е сето тоа битно? Живееме во свет во кој индивидуалните слободи и права го достигнуваат својот највисок дострел и за нив се преземени најстроги мерки на заштита и унапредување во секој демократски систем. Колку одлуките и постапките на една индивидуа влијаат врз поголема маса на луѓе зависи од многу материјални и нематеријални фактори. Тоа што секоја индивидуа треба да го има на ум е дека секоја нејзина одлука, без оглед дали е индивидуален или генерички избор, предизвикува последици за неа, нејзиното посредно и непосредно опкружување. Секој наш збор, секоја наша гласно искажана мисла и секоја наша спроведена постапка предизвикува ефект и последици по нашата непосредна, а со тоа и посредна околина. Треба да имаме на ум дека дури и нашите бурни мисли преку кои повикуваме на протести или разни бунтови може да имаат домино-ефект врз разни социјални групи во услови на отежнато маневрирање со емоциите. Затоа, треба да имаме на ум дека моќта на индивидуалните приказни некогаш може да прерасне во практична злоупотреба на кажаното. Но, затоа, пак, треба да имаме предвид и дека пораката која ја испраќаме до останатите, кога некому помагаме, е порака која средината ќе ни ја упати и нам во момент кога најмногу ќе ни биде потребна. Изборот на нашето опкружување директно зависи од нас и од нашата перцепција за она што нѐ чини среќни и исполнети наспроти луѓето кои нѐ полнат со негативна енергија и чувствуваме замор кога сме во нивно присуство. Секој е автор на својата приказна, секој човек сам ја избира и создава енергијата со која се буди секој следен ден. Дали нашето опкружување ќе го чинат инспиративни лица со чија помош само ќе напредуваме е исклучиво наш избор. Навистина, со кој си таков си.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


