| четврток, 6 декември 2018 |

Знаењето, пред сѐ!

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Човештвото при крајот на минатото столетие и почетокот на дваесет и привиот век достигнува исклучително високи дострели. Во секој момент со еден допир на паметен телефон можеме да комуницираме со своите најблиски и пријатели, макар и да се на друг континент. Таа далечина и физички би можеле да ја скратиме бидејќи авиопревозот ни овозможува да стигнеме од едната до другата страна на светот за време пократко од 24 часа. Денес, и некои од најтешките болести веќе имаат соодветно медицинско решение. Наведените позитивни промени, секако, не се паднати од небо, туку, напротив, тие се резултат на сериозен труд и вложена енергија од врвни научници, кои своите знаења ги имаат применето токму на решавањето на некои од најгорливите и значајни прашања, кои истовремено ни овозможиле организирање различен и далеку поквалитетен живот на нашава планета. Истовремено, неспорно е дека живееме во време кое е премногу динамично и се движи со рапидна брзина, но, од друга страна, статистичките показатели укажуваат дека денешниот современиот човечки живот е подолг и поквалитетен од кога било.

За да можеме да уживаме во благодатите на нашиот живот и да ги реализираме овие современи потреби, би требало сите и заеднички да се стремиме кон остварување на нашата подобра иднина. Подоброто се постигнува преку знаење. Оттука, sine qua non за натамошниот развој на современото општество е потребата од квалитетно образование. Тоа прашање е еднакво значајно за нашата земја, за одржливиот развој на глобалниот поредок и во интерес на општоприфатените норми и вредности за човековите права. Образованието е основниот столб на нашиот глобален систем, преку него ги осознаваме сите појави, ни овозможува да се разбираме поедноставно и подобро и на најсоодветен начин да се вклучуваме во практичниот секојдневен живот.

На македонското образование и натаму му се потребни промени кои ќе помогнат во унапредувањето на целиот образовен процес, во производството и градењето квалитетни и успешни кадри кои и во ова модерно општество ќе можат да се носат со силната конкуренција и со најновите општествени и технолошки промени во глобалниот современ свет.

Лично, цел живот имам реално чувство дека сум ученик, студент и субјект кој е постојано обврзан да совладува нови знаења и да ги унапредува своите стручни способности, без оглед што во моментот се наоѓам во последната фаза од моето формално образование. Секако во наведениот контекст го издвојувам зборот „формално“ како битен во контекст на наведениот текст затоа што формалниот процес на образование претставува суштествен дел од сечиј професионален ангажман и со чие квалитетно организирање се поместуваат границите на возможното.
Во поголем дел од професиите трендовите се менуваат со брзина на часови. Новите откритија и сознанија, независно дали се од природните или од општествените науки, веќе не се врзани ексклузивно само за врвните универзитетски центри во САД и во Велика Британија. Со тоа и неопходните ресурси за соодветно организирање на работниот процес стануваат сѐ подостапни, така што секој што има соодветно образование и лични квалитети, е подготвен за напорна работа и очекувано би можел да постигне врвни и глобално прифатливи резултати во која било локална средина.

Сега би сакал да го поставувам и конкретното прашање, дали во овие современи услови на живеење е потребно да се плашиме од проверка на нашето знаење, од проверка на она што носи прогрес, за она што секако мораме да го совладаме и станува неопходен дел и потреба која нѐ следи во ова наше секојдневие? Очекуваниот одговор е заедничката и недвосмислена желба за унапредување на нашето знаење, неговата постојана проверка, желба и труд кој би требале да бидат што е можно посилно насочени кон соодветно истакнување на истото. Истовремено, неопходно е постојано да вложуваме напори кон истакнување на личните и општествени вредности и секако да го применуваме сето тоа што го имаме стекнато во текот на квалитетниот образовен процес.

Теоријата и практиката често се разликуваат, но тоа е така бидејќи теоријата ни дава основа за определување на целта кон која би требало да се стремиме. Како правник, секогаш сум бил и горд сум на тоа што го имам стекнато во текот на моето образование во наведената област. Добриот правник би требало секогаш да биде подготвен да креира прописи, да создава закони, да учествува во разните фази од законодавните постапки (од подготовка на нацрт-предлози, преку учество во јавна расправа, сѐ до усвојување на предлогот за донесување закони), вклучувајќи го и толкувањето и примената на целокупната правна регулатива. Јас не можам, не би сакал и не би смеел да се спротивставам на норма која е претпоставена, која не сум ја видел, околу која не е водена каква било јавна расправа и која е далеку од нејзина практична примена. Јас знам и сум добро научен дека нормите се подобруваат во текот на потребната јавна дебата. Како правник, образуван во демократско општество, би сакал да ги користам сите демократски средства во законодавниот процес, но не и надвор од него. Секој што го прави спротивното дејствува во полза на анархијата, што само по себе е хипокритично и недемократско однесување! Криењето под закрилата на „демократско дејствување“, најчесто политички мотивирано и спротивно на интересите на граѓаните, е појава на минатото која не носи полза и прогрес никому.

Денес знаеме подобро, денес веруваме во знаењето, денес знаењето е алатката која нѐ носи во иднината. Би требало да се стремиме секогаш да бидеме најдобри бидејќи тоа нѐ прави силни и успешни. Ние сакаме да знаеме, постојано да го потврдуваме она што реално го имаме стекнато и да го потврдуваме како квалитет, силна вредност и позитивен пример на нашето демократско општество.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top