Грција е редовен учесник на големите натпреварувања во кошарка, а нашите јужни соседи одново ќе ги одмерат силите со Македонија на ЕП, овојпат во Загреб на 5. септември следната година.
Според изјавите на раководните лица на грчката кошарка, постои задоволство од ждрепката и составот на групата Ц во која се и домаќинот Хрватска, Словенија, Грузија и Холандија.
„Групата е по наш вкус и може да се мине понатаму. Хрватска ќе игра пред пеколна атмосфера на домашен терен, голема поддршка од трибините сигурно ќе имаат и Словенија и Макед0нија, а не се за потценување и Грузија и Холандија. Рано е за прогнози, да видиме со каков состав ќе играме во Загреб, но на прв поглед задоволни сме од ждрепката“, изјави селекторот на Грција Фоциос Кациракис.
Грците ја анализираа групата, која со право се нарекува балканска, а посебно потсетуваат на успехот на Македонија пред 3 години во Литванија. Тогаш ги победивме јужните соседи со 72-58, а како што стои во анализата на порталот „Газета.гр“, Македонците направија луда работа и светско чудо со освојување на четвртото место на ЕП во 2011 година.
„Потоа немаа успех, но на нив мора да се внимава. Сигурно ќе игра и Перо Антиќ, кошаркар што игра во НБА лигата, а останува да се види дали во составот ќе биде и Лестер Бо Мекејлеб“, пишуваат грчките новинари.
Еве го комплетниот распоред на натпреварите од Ц групата:
1. коло (5 септември): МАКЕДОНИЈА – Грција, Хрватска – Словенија, Холандија – Грузија.
2. коло(6 септември): МАКЕДОНИЈА – Холандија, Словенија – Грузија, Грција – Хрватска.
3. коло (8 септември): МАКЕДОНИЈА – Хрватска, Словенија – Холандија, Грузија – Грција
4. коло (9 септември): МАКЕДОНИЈА – Грузија, Грција – Словенија, Хрватска- Холандија.
5. коло (10 септември): МАКЕДОНИЈА – Словенија, Грција – Холандија, Хрватска – Грузија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.