| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на ликовниот уметник Ристо Соколов Сокол во Кавадарци

unnamed (1)

В петок, на 12 декември во ликовниот салон на „Музеј – Галерија“ Кавадарци, во 18 часот ќе биде отворена голема самостојна изложба на еден од најпознатите кавадаречки ликовни уметници Ристо Соколов Сокол. Изложбата е по повод големиот ликовен јубилеј 40 години успешно активно бавење со ликовна уметност и носи наслов „Ретро Арт – Нови моменти“.

Навидум ретроспективна, новата изложба на Ристо Соколов Сокол носи нова поставка и ново видување на ликовниот момент, со повеќе нови дела кои заедно со се што ќе биде изложено во кавадаречкиот „Музеј – Галерија“, всушност заокружува негов тригодишен уметнички и животен циклус. Провокативен со секое ново дело, познат перформер, но и по тоа што за неговите изложби се говори долг период по отворањето, Ристо Соколов и овојпат поставува нови правци со своите успешни ликовни експерименти, не само со материјалите кои ги користи за својата уметност, туку и преку темите, за кои познавачите на неговото обемно ликовно творештво велат дека се непресушни.

Изложбата „Ретро Арт – Нови моменти“ доаѓа по два и повеќе од успешни ликовни циклуси заокружени со рекордно посетени изложби – “Траги – Ретро мултимедиа“ (2009) и “Некогаш и денес“ (2011), со кои успешно го сублимираше неговиот десетгодишен експеримент во креирањето ликовни дела со природни материјали, за што во 2012 го доби највисокото признание на општина Кавадарци, наградата “7-ми Спетември“. Со комбинираните поставки од двата циклуса, кои беа изложени во повеќе градови низ Македонија во 2012 и 2013 година, го навести и новиот правец во кој ќе се движи неговото ликовно творење, чие свовидно финале ќе се случи пред кавадаречката и македонската ликовна јавност во петок, на 12 декември.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top