Во крајно возбудлив натпревар во кој се играше крајно грубо и со многу жестоки дуели и исклучувања Металург одигра само 27-27 со Мешков Брест во СЦ „Борис Трајковски“.
Од речиси загубен натпревар до можност за победа во самиот финиш, се чини ова беше реален епилог на двата тима на кои никако не им одговараше нерешниот резултат.
Иако остануваат со шанси за пласман во следната рунда, сепак и Металург и Мешков Брест на пролет се чини дека ќе ги завршат настапите во Лигата на шампионите.
Натпреварот започна со серија на Металург и предност од два гола до 15 минута. Возвратија гостите од Белорусија која е комплетно интернацинален состав со дури 10 странски играчи со серија од 6-0. Во овој период металурзите не успеаја да реализираат два пенала и неколку напади со играч повеќе.
Самодовербата на избраниците на Лино Червар се врати откако Наумче Мојсовски се врати на теренот по укажаната лекарска помош на клупата. Нападот во вториот дел почна да функционира, а фантастичен беше и Дејан Манасков кој успеа да постигне осум гола.
Во еден дел од второто полувреме делегатот на натпреварот го прекина мечот поради сканидрањето на шестилјадната публика против европската ракометна федерација ЕХФ поради неколкуте неразбирливи одлуки на судиската двојка од Норвешка. По реагирањето на раководството на Металург натпреварот продолжи без некоја санкција.
Во финишот од натпреварот Металург дојде до целосен пресврт со серија од три гола при резултат 24-26. Но во финишот по тајмаутот на тренерот на Мешков Брест Жељко Бабиќ во последните 15 секунди, се создаде заглушувачка атмосфера во арената, но тоа не им пречеше на гостите на само 3 секунди до крајот да го израмнат резултатот.
Видно разочарани гостите од Брест сакаа физички да се пресметаат со ракометарите на Металург, но тренерот Бабиќ беше најприсебен и го испрати во соблекувалната без да си подадат рака со домаќините.
Следниот натпревар Металург го игра во февруари против Кил на гостински терен. Само чудо може да го одведе македонскиот шампион во следната рунда бидејќи му се потребни две победи во последните две кола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





