| четврток, 6 декември 2018 |

Парадигма до балчак

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Што му фали на филмот „До балчак“… да биде ремек-дело? Ништо!

Последното дело на извонредниот Столе Попов е генијално во секој поглед, само има една мана: повеќе е слика одошто филм… браво за режијата, актерите, прекрасната Инти, бравурозниот Михајловски, фотографијата…

Точно е дека за сценаријата не се дискутира, исто како и за вкусовите… Сепак, слабата точка на Балчак е неговата порака….Со оглед на идејата водилка што води директно во македонскиот дел од пеколот, филмот само ќе ве разубеди дека можеби сте имале малку простор да престанете со инфериорноста на сопственото его. Затоа, не ќе беше лошо пред почетокот на филмот да има предупредување како што има на влезот во турските серијали што одат редовно на главните национални телевизии со оној зелениот круг низ цел екран – дозволено за малолетна публика, за срцеви болни, за сакати, слепи, хроми, емоционални инвалиди… што да речат навивачите што себеси се нарекуваат Комити? Ужас!

На времето имаше еден џингл на скопското музичко радио, Канал 103, одеше вака: „Мајсторе, задња!“ Се мисли на врата, дејството се одвива во градски автобус, во Скопје… Потоа следува штама, па пукотница, истрел, и кратка реплика, веројатно на шоферот – му се остава на слушателот да процени – „…задња нека ти биде…!“

А можда, не е ни од шофер, ни од кондуктер, туку од некоја баба трансвестит којашто долго му го собирала на безобразниов дечко… додека он се буткал со лактите и си го пробивал патот, а често не сакајќи лакотот завршувал во нејзините ребра…(на бабата)…

Сите ние сме апсолвенти на македонската трагедија, нашите гени се полни со крв и солзи, нашите баби силувани, дедовците или комити или стрелани, итн. сè од лошо полошо, и најлошо.

Но, по Прашина, тешко дека некој ќе успее на пософистициран начин да го каже она што во тој филм е кажано без претензии да се ужива во сопствената патетика или само за да се надмине рекордот на трагичноста… со една мала разлика, што таму Манчевски ја премавна локалната митолошка матрица и ја отвори Пандорината кутија на универзалната кланица. Го прикажа раскошот на планетарната бркотница по уценети глави и лов на награди, чисто како механичко функционирање на органскиот живот на планетава, без оглед дали си Буч Касиди или Крсто Војвода.По прашина, сè што ќе чепка низ македонската матрица на атентатори и патрдии, ќе биде само малку повеќе од дежави. Но, добро, ако е наменет повеќе за оние што не се запознаени со нашата приказна, еве уште една причина плус да бидат уште повеќе збунети…

Како ќе се менуваме ако не се менуваме? Промените почнуваат од мене.

Тоа „мене“, се разбира има фигуративна смисла. Уметниците имаат малку поголема одговорност зашто со своите дела вршат влијание врз останатите. Особено врз младите. Тоа е нивната мисија. Тој што не сака да се менува, оди во историја. И станува лекција за другите…

Сите знаеме какво е нашето колективно (не)свесно. Ама што? Светот се менува. А ако ние ѝ остануваме верни на праисториската парадигма затоа што тоа ни е запишано во хромозомите, самите сме си виновни за овој синдром „телма и луиз“ со кој си ја отплаќаме лошата карма со векови!

Филмот е многу повеќе од уметничка слика што служи за обично естетско задоволство… филмот е терапија. Дел од животот.

Влегуваш во кино и го гледаш филмот, но животот не престанал да тече, напротив, филмот станува живот.

Би било супер кога и филмот на животот (ај да го наречеме Големиот филм) би можеле да го избираме – ги читаш критиките, го гледаш плакатот и си одбираш дали сакаш или не сакаш да го гледаш. Во случај да направиш „грешка“, можеш да станеш среде филм и да си заминеш, да гледаш нешто друго. Толку малку е потребно за да се случи промена. Не ја менувам глетката, туку ги затворам очите и се прашувам – што сакам да гледам.

Дефинитивно, има само еден начин да се смени светот: однатре.

Но, дали? Дали е навистина сè толку едноставно?

Кој ја има контролата врз сценариото?

Еве да речеме Холивуд. Познато е дека во таа филмска индустрија тешко се провлекува начин на завршување на филм што не ѝ одговара на продукцијата. Таканаречениот „хепиенд“ со сите милион импликации врз гледачот и неговата потреба од убав сон и бегство од кошмарот или јавето. Тоа е класичен интервенционизам во уметноста. Едно за да донесе филмот пари, друго за да се манипулира со публиката. Затоа Вуди Ален не проаѓа во Холивуд. Ете тоа ни фали по дома – ред Алмодовар, ред Вуди… ни недостасува сегашноста, НИЕ. Никој не вика да ја разубавуваме реалноста, да ја правиме поубава одошто е, туку да ја разбереме. Да дојдеме до нејзината лозинка и да ја разбиеме магијата дека е непроменлива.

Еб..те фактите ако пред нив мора да молчиме!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top