Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со НЛБ Тутунска банка од Скопје, имаат чест да ве поканат на изложбата „Миниартура“, која ќе се отвори во вторник, на 2 декември во 20 часот во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка.
На изложбата ќе се претстават автори-членови на ДЛУМ од цела Македонија. За изложбата „Миниартура“ од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, по шести пат ќе се додели наградата „Златна четка“, а од страна на НЛБ Тутунска банка по втор пат ќе има една откупна награда насловена „НЛБ – мини-арт“.
За овој вид на изложба, чиишто дела имаат мал формат, на која, според веќе усвоените пропозиции делата можат да бидат со максимални димензии 10х10 сантиметри, авторскиот концепт за оформување на делото најчесто претставува посебен мисловен процес поради ограниченоста на димензиите и минуциозноста на ликовниот израз.
Духот на минијатурата се гледа преку компактноста на композицијата и способноста на уметникот да се изрази во ограничен формат.
Минијатурата не е прикажување на еден детаљ или исечок од една целина, таа е осмислен концепт во мал формат и претставува хомогена и кохерентна целина на еден индивидуален приказ.
Авторите имаа можност без никакви ограничувања, самостојно да ги избираат медиумите во кои ќе ги изработат и прикажат своите дела, со што се нагласува автентичноста на нивната визија за „големината“ на минијатурата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.