
Повисоките, национални интереси одамна не се дел од дејствувањето на македонската опозиција. Во самопредизвиканата фаза на тонење, која трае речиси една деценија, истовремено зачинета со паничната желба и потреба за враќање на толку посакуваната власт, кај опозицијата полека, но сигурно атрофираше чувството за националното. „Предодредените“ и „родените“ да владеат од година во година сè повеќе ја губат таа насока и од „државотворна“ партија сè повеќе наликуваат на антидржавен елемент. Себичното практикување на макијавелизмот како основна определба во враќањето на политичката сцена, т.е. на власт, каде што целта ги оправдува средствата кои би придонеле во остварувањето на примарната определба, очигледно, ги избриша начелата кои претпоставуваат дека основната цел на егзистенцијата на една политичка констелација во која и да е држава во светот треба да бидат токму тие, повеќе од свети, национални интереси.
Франкенштајн се раѓа со „бомбата“?!
Низата потези на опозицијата, која склопувајќи серија од туѓи политички дејствувања полека влегува во зенитот на небулозноста, го создадоа политичкиот Франкенштајн на македонската сцена. Комбинацијата од вокабуларот на Грција, бојкотот на албанската опозиција, безидејноста на српската опозиција и измислените еден милион фантомски гласачи на бугарската опозиција го оформи ликот и делото на опозициското чудовиште во Македонија. Суштеството склопено од делови на тела на мртви луѓе, создадено од докторот на Мери Шели оживеа со енергијата на гром, опозициското чудовиште, пак, треба да го оживее „бомбата“ на Заев. Вистинскиот проблем е што чудовиштето на д-р Франкенштајн го уништи сопствениот творец и целото негово семејство. Опозицијата, сепак, ќе се обиде да го оживее одамна мртвото политичко ткиво, сизифовски труд во комбинација со научно-фантастична белетристика – каде што единствено и успева оживувањето на мртво нешто. Наместо да го прифатат решението кое се вика широк опозициски фронт, престрашени од мислата за губење на приматот како партија, СДСМ ќе се обиде со невозможното – да ја оживее мртвата партија, која со сите новокомпонирани примеси на актуелната врхушка и онака личи на популистичко-хејтерско политичко зомби. Дилетантскиот популизам, кој ја надвладеа сериозноста во македонската опозиција, беше и намерата на сегашното раководство, кое пред изборите од своите редови ги отстрани влијанијата на искусните, сериозни политичари. Превенцијата на нивното незадоволство од сегашните катастрофални чекори се покажа успешна – безимените, непознати кандидати без проблем и двојба „заиграа“ во битката на опозициската врхушка, која, вака, без проблем ја тера својата бесмислена прикаска. Актуелните лидери ќе беа во сосема поинаква и незавидна ситуација доколку за своите погрешни потези одговараа пред старите, искусни волци, кои, буквално, ќе ги растргнеа за катастрофалната серија чиј единствен резултат е губењето на довербата кај граѓаните. Башка, сите како да заборавија дека „бомбата“ која треба да го оживее политичкиот Франкенштајн, Заев ја спомена уште во средината на август, со истите зборови – дека била многу штетна за Македонија. Значи, Заев ја чувал не десет дена, туку цели три месеци.

Балканското оро на СДСМ
Губејќи ја поддршката од, за нив омилена и често воспејувана, „меџународната“ заедница, опозиционерите се свртија кон Балканот. Прво Филе на заминување, а по него и неговиот наследник Хан, јасно укажа на потребата од враќање во парламентот. Истото, многу подиректно, им го предочија и десетици европарламентарци, меѓу нив и европски социјалдемократи. Загубија поддршка од Брисел, но ја добија кај нашиот јужен сосед, чиј шеф на дипломатијата со нескриено задоволство постојано го истакнува „недостигот“ од демократија и правна држава, кои за опозицијата се основата на политичкиот вокабулар и дејствување. Повторувајќи ги овие флоскули, тие се надеваат дека стопати кажаната лага станува вистина. Така новите „шатевци“ го заиграа балканското оро. Сепак, не сакаат да признаат дека во Брисел, на декемврискиот Совет на ЕУ, Грција повторно ќе се „пере“ преку нивните игри, сервирани во форма на пенали за Атина. Во Албанија, пак, бојкотот на опозицијата стана природен тек и вообичаен начин на водење политика. Таму е јасно, кој не е на власт – го бојкотира Парламентот. Поинаку не може – и точка… Дали бил Бериша или Рама, не е битно, отсуството на опозицијата се подразбира како „добар ден“. Проблем со силна конкуренција за приматот во европски рамки им прават само македонските опозиционери, кои во една и пол година бојкотираа – де Парламент, де локални избори (ги врати Филе), де работна група за 24 декември (која не ја откри вистината за случувањата на тој ден, токму поради нив), де резултати од парламентарни и претседателски избори… За нив веќе и не е важно да се учествува во нешто за да се победи, туку за да се бојкотира.
Аналитичари – македонски куjни готват за Грциjа
Познавачите на состојбите се согласни дека СДСМ и Грција го споделуваат вокабуларот. Несомнено е дека Венизелос и неговиот кабинет будно следат одредени поединци во Република Македонија кои направија кариери со долевање масло на огнот, вели доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје. За аналитичарот Александар Пандов, пак, е јасно дека Заев и Венизелос играат под иста диригентска палка.
ДОДОВСКА: Она што е евидентно во овој случај е дека во бесмислениот спор поврзан со прашањето за уставното име на Република Македонија, во ситуација кога не постојат сериозни аргументи со кои би го елаборирале застојот во евроинтеграциите на нашата држава, Грција прибегнува кон однапред подготвени и нафрлени тези кои доаѓаат директно од извесни македонски кујни.
ПАНДОВ: Знаете, историјата нè учи дека и во минатото постоеле луѓе кои за лични интереси ги продавале националните. Денес сме сведоци како фондацијата „Сорос“, отворено финансира медиуми низ државата кои уште поотворено и подиректно работат кон подривање на државата и нејзините институции, а ставот во однос на надворешната политика им е идентичен со тој на нашите непријатели. Бељата е дотолку поголема што лидерите на македонската опозиција се под директна контрола на овие медиуми, а со самото тоа и тие се спроведувачи на политиките на нашите противници.
И покрај сите пораки од Брисел, СДСМ останува на бојкотот. Додовска вели дека е уверена оти раководството на партијата, очигледно, не сака да се врати на власт.
ДОДОВСКА: Оваа констатација произлегува од очигледниот факт дека таму, како при очи слепи, не сакаат да прифатат оти легално ги загубија предвремените парламентарни избори и дека со самото губење на изборите треба да направат една темелна трансформација во партијата, и по хоризонтала и по вертикала.
ПАНДОВ: Ќе се согласите со мене дека постои една константа во СДСМ, а тоа е водење деструктивна политика. Едноставно, кај нив не постои државен или национален интерес, кај нив постои само личен и партиски интерес. Но, историјата повторно ќе се потврди, на луѓето и на партиите што биле водени од негативни мисли, по правило, сета негативна енергија им се удира од глава. СДСМ, за жал, ја помина црвената линија и самиот, пред сè Заев и Шеќеринска, донесе одлука за самоуништување.
По нив очекуваат потоп, вели Пандов, а потоп и ќе биде, но на Бихаќка, за да од сето тоа произлезат нови, квалитетни опозициски партии.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 116. број на неделникот „Република“, 21.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



ДОДОВСКА:
ПАНДОВ: Знаете, историјата нè учи дека и во минатото постоеле луѓе кои за лични интереси ги продавале националните. Денес сме сведоци како фондацијата „Сорос“, отворено финансира медиуми низ државата кои уште поотворено и подиректно работат кон подривање на државата и нејзините институции, а ставот во однос на надворешната политика им е идентичен со тој на нашите непријатели. Бељата е дотолку поголема што лидерите на македонската опозиција се под директна контрола на овие медиуми, а со самото тоа и тие се спроведувачи на политиките на нашите противници.