По експлозивните феномени на дезинтеграцијата, предизвикани од силните тежненија за сепарација и хаос, поточно, од фантастичниот ефект на центрифугалните сили кои навестуваат состојба на радикално сменување на системот и воспоставување нов поредок, доаѓа сосема ненајавено, но неминовно, нов и сосема обратен механизам на мотивација и придвижување. Тоа е силата што доаѓа однадвор, од светот или од сето она што во физичка, психичка, па и во општествена смисла означува еден непредвидлив и стихиен порив кон соочување или, пак, имплозија. Акцијата предизвикува реакција, а овој фатум дејствува во сите насоки. Надворешниот фактор е иритиран од нарушувањето на режимот, кој е воспоставен во името на хармонијата и мирот, за чие одржување се потребни огромни енергии и планирање, ресурси и можности. Затоа оваа екстериорна сила дејствува во спротивна насока од експанзијата на сепаратизмот и хаосот. Така ентитетите на експлозивната поделба и силите на дезинтеграцијата доаѓаат во првобитната ситуација, од која еманира огромна нетрпеливост и агресија. Но, оваа состојба на анимозитет е сосема нестабилна затоа што силите на потискувањето од надворешниот фактор дејствуваат со несопирлива моќ. Тие притискаат од секаде и ги набиваат отцепените системи во еден ужасен, внатрешен свет, во кој просторот станува сè помал, а гневот што расте добива лудачки димензии. Така, конфликтот станува неизбежен, а последиците се фрапантни. Материјата ја губи својата форма, а енергетските конструкции, што го крепат идентитетот и го одржуваат во една динамичка егзистенција, се распаѓаат и исчезнуваат како такви, трансформирајќи се во хаотична енергетска констелација и во материјални отпадоци. Секако, природата и духот имаат решение за сите состојби на материјата, енергијата и свеста. Свеста, сфатена како битие.
Ако овие апстрактни проекции ги пренесеме на општествен план, без сомнение ќе се соочиме со ужасни немири, војни и разорувања. Амбиентот, исполнет со безумна агресија и конфликти, кои оставаат само пустош зад себе и во секунда го уништуваат сето вредно, што со децении се создавало од милиони личности во синхрониска и перманентна творечка акција. Тоа се слики на пропаѓање, кое доаѓа како резултат на една френетична деструктивна дејност, која никако да запре. Овие состојби иритираат со таква сила што често го воведуваат партиципиентот во тотално лудило. Ваквата безумност диктира едно деструктивно, или, пак, автодеструктивно однесување, кое порано или подоцна стапува на сцена со жестина шокантна и незамислива. Како еден френетичен danse macabre, танцот на Шива. Претстави на уништување, колосални и фрапантни. Тоа се две реалности, кои пенетрираат една во друга со фатални последици. Едeн стравотен крш на остатоци од конзистентните парадигми, идеали, перцепции, закони и фактографија. Тоа е реалност непожелна и траорна, еден ужасен куп ѓубре, кој ја губи смислата на сите нивоа, посебно на нивото на функционалноста и аксиоматскиот систем на вредности, кој е отфрлен и депласиран и зрачи со неспокој и параноја. Само најкрволочниот инает, впрегнат во преживувачката психотична стратегија на освојување на голиот простор, без оглед на последиците по традицијата, естетиката, етиката и здравиот разум, може да изнедри извесна мотивација за дејствување, кое самото по себе паѓа во кризи поради бесмисленоста на самите дејства. Така практичниот ум ја менува стратегијата со тактика, а немањето идеолошки перспективи и отсуството на каква било идеалистичка телеологија го чини актер на неутешниот и безизлезен очај.
На крајот, само окото на уметникот може да гледа во овие купишта одвратност и да бара во нив мотивација за творештво. Не треба премногу да елаборирам, погледајте ја историјата на уметноста и споредете ја со политичката историја на одредените култури. Референците одат во сите насоки. Политиката создава и уништува, обично овие две дејности се одвиваат синхроно. Но, без оглед на еуфоричните и катастрофалните консеквенции на политичките тежненија и процеси, уметноста е секогаш тука да ги осмисли сите овие апсурдни сцени и реалности. Само уметничката експертиза и третман му даваат акцент и вредност на несовесното, инертното, баналното, одвратното и пропадливото. Обичното, тривијалното и здодевното редење фактографија, и во синхрониска и во дијахрониска смисла, е ужасно изживување со публиката и консументите на ваквата претстава. Но, затоа уметноста е тука да помогне кога сите механизми на рационалноста ќе откажат во налетот на ефемерноста и депресивните ефекти од мачното и неинвентивно повторување на фатумот на реалноста. Уметноста ја обновува смислата за постоење низ играта и непристрасноста. Низ ирационалното, кое е и поле за инспиративна комбинаторика и поглед во бесконечните можности.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.