| четврток, 6 декември 2018 |

По Македонија, и Хрватска отпишува долгови

dolgovi-500

Хрватска од први јануари почнува со реализација на проектот „Отпис на долгови“. Постигнат е договор со компаниите кои се јавуваат како доверители и кои конечно дале согласност и зелено светло за спроведување на проектот, преку кој на социјалноранливите категории граѓани ќе им бидат простени долговите, пишува Лидер.

– Во овој момент, нашата процена е дека со проектот за отпис на долгови ќе бидат опфатени околу 60 илјади луѓе. Засегнатите навреме ќе бидат известени за целата процедура и за потребните документи – вели хрватската министерка за труд, Миланка Опачиќ.

Со проектот ќе бидат опфатени оние социјалнозагрозени луѓе чии сметки се блокирани подолго од една година, кои должат до максимални 25.000 куни (околу 201.000 денари), од кои долгот кон приватните компании, односно кон банките и мобилните оператори е до 10.000 куни (80.500 денари). Договор за учество во проектот е постигнат со комуналните и со државните претпријатија, со банките, додека преговорите со мобилните оператори одат тешко, иако е извесно дека и тие ќе влезат во проектот.

– Разговорите беа навистина тешки, траеја многу долго, бидејќи ние сакавме да обезбедиме согласност од сите страни – рече хрватскиот министер за финансии, Борис Лаловац.

Во меѓувреме, владата во Загреб ги прецизира деталите и процедурата, го осмислува проектот со цел да нема злоупотреби. Токму затоа, отписот е ограничен до 1 октомври, за некому да не му падне напамет да престане да плаќа и да се обиде да го изигра проектот.

-Значи тука не се работи за луѓе кои не сакаат да ги вратат долговите, туку се работи за луѓе кои, поради сиромаштијата и тешката економска криза, не се во можност да ги вратат долговите, порачува Лаловац.

Со проектот ќе бидат опфатени корисниците на социјална помош и дел од пензионерите, односно онаа категорија повозрасни граѓани чии примања не надминуваат 2.500 куни (20.000 денари) за самци, односно 1.500 куни (12.000 денари) по член на домаќинство.

-Ќе им се простат долговите само на оние кои навистина не можат да ги вратат парите, значи на социјалните случаи, невработените, пензионерите со најниски примања. Ние имаме точни податоци, знаеме кој има друг имот, кој има по два или три автомобили, а должи пари. Тие нема да влезат во проектот за отпис на долгови и затоа велам, ќе им се помогне само на оние кои се навистина социјално загрозени, порачува министерката Опачиќ.

Чекорот на Хрватска доаѓа откако Македонија спроведе иста постапка. Во земјава веќе се делат решенија за отпис. Барање  поднесоа околу 42.000 граѓани. Властите веќе ги поделија и првите решенија со кои на оние, за кои Комисијата утврди дека ги исполнуваат условите, им се простија долговите.

Проектот „Еднократен отпис на долгови“ во земјава стартуваше на 18 август. Се отпишуваат долгови за електрична енергија, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки, обврски од потрошувачки кредити, настанати заклучно со 31 декември, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top