По серијата од четири порази во низа, македонскиот шампион МЗТ Скопје се врати на победите и тоа на гостински терен против Игокеа. Металците вечерва славеа убедлива победа од 76-61.
Клучна за победата беше серијата од 11-2 во вториот дел од првата четвртина кога МЗТ дојде до предност од девет поени (20-11). Избраниците на Боби Митев со сталожена игра и со висок процент на шут од далечина успеаја да ја сочуваат оваа предност, и заслужено да слават. Сепак одбраната е таа што го реши овој натпревар, која беше подвижна и агресивна во текот на сите 40 минути.
Сега МЗТ има три победи и од девет меча и се искачи на десеттото место на табелата.
Дамјан Стојановски полека но сигурно се адаптира на новите соиграчи во стариот тим и денеска беше најзабележителен со 20 поени. По него следуваа Урош Лучиќ со 15 и Александар Цветковиќ со 10 поени.
Следниот натпревар МЗТ Скопје повторно го игра на гостински терен, овојпат против Олимпија во Љубљана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.