Унгарскиот тим Веспрем до декласираше македонскиот вицешампион Вардар во Лигата на шампионите во рамките од шестото коло со 32-24.
Ако во Скопје дуелот беше израмнет и Вардар беше на чекор до победа и подоцна несреќно го загуби со еден гол разлика, во Веспрем домашните играчи покажаа зошто се во најтесниот круг на кандидати за да ја освојат Лигата на шампионите оваа година.
Гранитна одбрана, одлична реализација, фантастични акции го красат унгарскиот шампион Веспрем. Со тим кој може слободно да состави две екипи вардарци не знаеја како да ја пробијат силната 6-0 одбрана или пак во одбраната од која позиција најмногу треба да се бранат.
На голот како и секогаш фантастичниот Миклер ја спушти ролетната помогнат од најдбриот одбранбен играч Ренато Сулиќ и соиграчите Момир Илиќ, Чема Родригез, Нилсон, Зајц.
Во нападот разноврсна игра со многу комбинаторики, одлични асистенции и прекрасни голови од далечина.
Вардар немоќен нешто повеќе да стори и заслужено е поразен. Голманскиот тандем Штербик, Ангелов никако неможеше да се соземе од ударите на Илиќ и Родригез. вкупно немаа толку одбрани колку што имаше на другата страна Миклер.
Повредата на Гробок пред овој дуел и на Лацковиќ на самиот почеток, ги скрати опциите во нападот, па тренерот Раул Гонзалес најголема минутажа на лево-бековската позиција му даде на македонскиот репрезентативец Филип Лазаров кој одигра добар натпревар постигнувајќи три гола.
Најубавиот потег на натпреварот е сепак на вардаровата страна по двојниот цепелин на Лазаров-Шишкарев-Лазаров, Миклер само со поглед ја проследни топката во мрежата на празниот гол.
Веспрем останува непоразена екипа и со максимални шест победи од исто толку натпревар се сигурен патник во следната фаза.
Сепак и со овој пораз, Вардар ги задржува шансите за второто место во групата кое води во следната фаза и можност да се добие полесен противник во осминафиналето.
Следниот натпревар „црвено-црните“ го играат на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ против Целје за седум дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.